Илиеска за гладните ѕверови и ,,нелогичните логики” на власта

Екс директорката на Управата за јавни приходи Анастасија Илиеска се обидува да најде логика во низата нелогични потези на власта.



Илиеска дава оценка за низа погрешни чекори на власта кои го влошуваат стандардот на граѓаните.

,,Нелогично е со одлука на Влада да се замрзнуваат цени на прехранбени производи, а при тоа во ист ден со закон да се зголемува данок на додадена вредност исто на прехранбени производи.

Нелогично е да зборуваш за даночна реформа, а притоа да укинеш само даночни ослободувања.

Нелогично е да се укине ослободување од данок на добивка за донации во спорт, а притоа да не се донесе нов предлог за поддршка во спортот.

Нелогично е на 30 Декември да се најави нов данок кој би оданочувал приходи остварени во веќе измината година.

Нелогично е да се воведе данок и за истиот по неполна година да се одложи примената, за по неколку години да се укине целосно таа даночна стратегија.

Нелогично е да се зголеми акциза на горива, а за време на енегетска и економска криза да не се намали истата.

Нелогично е вештачки да се зголеми минимална плата за приватните компании, а истата државните институции да ја зголемат после 2 месеци.

Нелогично е вештачки да се зголеми минимална плата, а останатите плати да се усогласуваат со минималната после две години при стапка на инфлација од 19%.

Нелогично е учениците да немаат учебници две години, поточно тоа е надвор од разум.

Нелогично е да нема основен лек за болни луѓе кои молат за живот,тоа е повеќе од сурово.

Нелогично е постоечки систем да не се користи и притоа да не е заменет со друг систем и да дозволите влијание на човечки фактор при издавање на онколошка терапија.

Нелогично е да сте рекордер по злоупотреба на средства од Европски фондови и при тоа да очекувате дека некој ќе ве прими во Европска унија.

Нелогично е да се постави директор на психијатриска болница кој по професија е архитект.

Нелогично е да се доделува тендер на фирма која е основана после денот на објавувањето на тендерот.

Нелогично е да нема изводи, сведителства за учениците…

Нелогично е во 21 век работната седмица од 40 часа да ја зголемите на 60 часа работно време.

Нелогично е договор за изградба на автопат да се менува со анекс за износ и времетраење и пак истите да се пробијат, а од автопат има само табла.

Нелогично е при стапка на инфлација од 14%, платата на функционерите да се зголеми за 78%, а на пензионерите само 5.3%.

Нелогично е за време на прогласена енергетска криза да се превзема скапа електрична енергија од европската мрежа на износ од 25 милиони евра и при тоа управниот одбор на МЕПСО да отпише долг од 15 милиони евра на 4 фирми.

Нелогично е да постои објект за безбедно чување на податоци, а Фондот за здравство да не функционира ради изгубени податоци.

Погоренаведеното е она кое што за некоја минута го напишав.

Низата е предолга и слободно дополнете ја.

На крајот секој на сопствен начин го наоѓа одговорот на прашањето:

КОЈА Е ЛОГИКАТА НА НЕЛОГИЧНОСТИВЕ?

Логиката доаѓа од индиферентноста кон државата и народот.

Логиката е од немањето на чувство за припадност и одговорност на се што е државно.

Логиката на нелогичностиве произлегува од вашето дејствување државните ресурси да ги пренасочите во ваша корист и сопственост.

Логично е дека од негрижата за состојбата во која се наоѓа народот, животот им го направивте преживување.

Логично е дека ни еден крик не ве допира штом не се грижите за лицата со здравствени проблеми.

Логично е дека како изминува времето, се повеќе наликувате како гладни ѕверови”, пишува Илиеска.

Преходно Илиеска анализираше зошто власта мисли дека ако замрзне цени на 50 производи за прехрана до Ноември дека нема да се осети ЗГОЛЕМУВАЊЕТО на данокот на додадена вредност на околу 3.000 прехрамбени производи.

Ова е коментарот на екс директорката на Управата за јавни приходи Анастасија Илиеска која забележува дека истиот ден кога власта ги замрзнув цените на производи за храна се изгласува закон за зголемување на даночни стапки на прехрамбени производи.

,,Компензирањево ни малку нема да ја подобри ситуацијата но и нема да ве оправда за мајтапењето со стандардот и животите на народот”, пишува Илиеска.

Со зголемувањето на ДДВ за околу 3000 производи ќе се анимираат мерките за поефтинување на храната со кои се фали власта.