Анализата на протоколот за спроведување на основниот договор, потпишан од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година покажува дека тој во некои делови е поштетен и од самиот договор кој треба да го дополни.
,,Македонскиот и бугарскиот премиер на 1 август 2017 година потпишаа контроверзен договор на асиметрична основа, штетен по македонските национални и државни интереси, во спротивност на меѓународното право. Заради почеток на преговорите со Европската Унија, Бугарија услови и протокол за спроведување на овој договор, потпишан од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година. Овој протокол е всушност анекс на договорот! Во протоколот се содржани сите идентитетски и историски прашања со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја”, анализира првиот човек на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.
,,Во протоколот се содржани сите бугарски барања од: „Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со декларација на народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година, таканаречениот „Објаснувачки меморандум“ на Софија до земјите-членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година и декларацијата на народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните услови: да бидат впишани Бугарите во Уставот на државата Македонија, како услов за одржување на првата меѓувладина конференција на Европската Унија со Македонија.
И да нема нови бугарски барања, СИТЕ веќе се инкорпорирани во француската предлог-преговарачка рамка, која Собранието на Македонија ја прифати на 16 јули 2022 година. А тие „СИТЕ“ бугарски барања значат денационализација на Македонија и македонскиот народ по сите основи, Скопје да прифати дека: до 1944 година Македонците се Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Македонија е втора бугарска држава, не постои бугарска нацистичка окупација во Македонија во Втората светска војна, да се ретушираат сите споменици и учебници…
Ирелевантни се изјавите на Бујар Османи и Димитар Ковачевски. Особено што, поради конфликт на интереси, Бујар Османи не треба да ги води преговорите со Софија за решение на македонското прашање! Единствено решение од оваа агонија е: итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов и итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладината македонско-бугарска комисија за ревизија на македонската историја!
Македонија не е против договор за добрососедство со Бугарија, како и со сите соседи, меѓутоа врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Во Македонија, Албанија и во Косово етнички бугари НЕМА!
Отфрламе впишување на софиски врховисти, односно колаборационисти како етнички Бугари во Уставот на државата Македонија! Бугарија е должна да ги признае Македонците во Бугарија и да им ги даде сите права и слободи утврдени во меѓународното право: право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик и правото на протест, собир и регистрација на здруженија и политички партии. Впрочем, Софија е должна да спроведе 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од Македонците во Бугарија, во спротивност треба да биде исклучена од Советот на Европа”, смета првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, врз основа на повеќе меѓународно-правни експертизи за споменатиот договор, при што уште еднаш издвојува дека се согласува со констатацијата дека и да нема нови бугарски барања, тие веќе се инкорпорирани во преговарачката рамка, пренесува Нова Македонија.





