В. д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски, на членовите на Управниот одбор не им дава информации за пречистителната станица за отпадни води во Скопје вредна 200 милиони евра.
Членови на Управниот одбор, на минатата седница била донесена одлука да се достави договорот кој е склучен со фирмите „ВТЕ Васертехник“ и „Жикол“, пренесе СДК.мк
„На седницата која вчера ја одржавме во ходник, бидејќи директорот ни ги заклучи канцелариите, договорот не беше доставен“, велат членовите на Управниот одбор.
И покрај тоа што седницата вчера се одржуваше во ходник, членовите донесоа одлука за разрешување на Илиевски поради лошото раководење на претпријатието.
„Она што се случува во претпријатието е лудо. Освен што беше заклучена салата, сменета е и бравата од мојата канцеларија и тргнат е написот дека тоа е просторија за претседател на Управен одбор. Сакаат да нè понижат и да нè спречат да одржиме состанок. Веќе подолго време сме незадоволни од работењето на претпријатието, се вработуваат луѓе во администрација, а не во техничките служби. Затоа, денес точка на дневен ред е да се разреши директорот и да не се одобрат нови вработувања. И покрај опструкциите, ние овие одлуки ги донесовме иако работевме во ходник”, изјави вчера Издриз Орана претседател на Управниот одбор на „Водовод и канализација“.







