Мишел очекува одлуки за проширувањето на ЕУ на Самитот во декември

Не смее да има повеќе одолговлекување. На декемврискиот Самиот очекувам одлуки за проширување за некои од земјите од Западен Балкан, вели претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. 



Мишел појаснува дека одлуките сепак ќе зависат од извештаите за напредокот на земјите кандидатки изготвени од Европската Комисија. Во однос на регионот вели – со интегриран Западен Балкан, ЕУ ќе биде постабилна и побезбедна.

-Дали е во наш интерес земјите од Западен Балкан, кои се дел од во рамките на Европската унија, секојдневно да се подложени на обиди за мешање и влијание на сили надвор од Европската унија, кои немаат исти вредности како нашите? Според мене, ова не е добро за нашата безбедност. Ќе бидеме побезбедни и постабилни штом овие земји ќе се приклучат на стандардите на Европската унија во однос на борбата против корупцијата и владеењето на правото, на пример , вели во интервју за „Еуроњуз“, Шарл Мишел.

Првиот тест, темата проширување ќе го има в петок на неформалниот Самит во Гранада, Шпанија, каде сосема извесно ќе се најде и француско-германскиот извештај за реформи на Унијата во контекст на охрабрувачката иницијатива токму на Мишел за нов бран проширувања до 2030-та година. Тој потсетува дека предложениот тајминг не е ветување, туку цел, чие остварување ќе зависи од принципот на заслуги.

-Унијата сè уште не е подготвена, затоа мораме да се подготвиме. И сакав да одредам датум затоа што мислам дека не само што Европската унија мора да се подготви самата себе, туку и државите што сакаат да ни се придружат мора да ги забрзаат напорите кои се неопходни во однос на реформите за да може да ни се придружат. Целта на одредувањето датум е да ги отвориме очите на сите и да кажеме дека не можеме повеќе да одолговлекуваме, вели Мишел.