Македонија е една од само четири земји во светот во кои сегашниот американски претседател Доналд Трамп има над 10 проценти поголема поддршка отколку што имал неговиот претходник Барак Обама, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Галуп“ спроведено во 134 држави.



Покрај во Македонија, Трамп е значително поомилен од Обама само уште во Израел, во Белорусија и во Либерија.

Од анкетираните македонски граѓани, 45 проценти го одобруваат водењето на САД од сегашниот претседател, 34 отсто не го одобруваат, а 21 отсто не знаат или одбиваат да одговорат.

Разликата во перцепцијата во Македонија на политиките на Трамп во споредба со тие на Обама од последната година на неговото претседателствување е 15 проценти во корист на сегашниот прв станар во Белата куќа.

Во споредба со другите земји во Европа, Трамп има поголема поддршка од таа во Макдедонија само во Косово (75 проценти, но и седум отсто помалку од Обама), во Албанија (72 проценти, односно -4 отсто) и во Полска (56 проценти, односно -14 отсто). Во Италија тој има иста поддршка како во Македонија, но таа е за 14 отсто помала отколку што ја имал Обама во оваа земја.

На глобално ниво, Трамп ужива поддршка од само 30 проценти, наспроти 48 отсто, колку што имал Обама во 2016 година.

Во 65 земји во светот поддршката за претседателот на САД се намалила за повеќе од 10 проценти.