На врата ни трупа уште една тешка зима. Споредено со земјите од Европската Унија заостануваме и во однос на можноста да ги загрееме домовите. Ова може да се види од бројките на Евростат. Ако мал број Финци, Чеси, Словенци, Естонци имаат таков проблем, во Македонија, голем дел од населението не може да си дозволи соодветно загревање на домот во зима. Како што објави Фактор, меѓу 25 и 30 проценти од македонското население живее во енергетска сиромаштија. Според статистиките на Евростат, во 2020 година една третина до една четвртина од луѓето во земјава можеле задоволително да го загреат домот.

Во прирачникот за енергетска сиромаштија што го изработи „Аналитика“, се наведува дека најголемиот дел од оние кои се сметаат за енергетски сиромашни лица користат електрично греење. Во време на зголемување на цените на енергијата, користењето на електрична енергија за греење во неизолирани или стари станови може да биде многу скапо поради големите загуби на енергија. Бидејќи електричната енергија е најрелевантниот извор на енергија во домаќинството, нејзината достапност е многу важна, не само за греење туку и за задоволување на другите енергетски услуги, како што се употребата на апарати, топла вода, ладење, осветлување и готвење. 19 од 63 испитаници одговориле дека сметките за струја ги плаќаат со тешкотии, додека 15 од тие 19 изјавиле дека се во енергетска сиромаштија.
- – „Припадниците на малцинските етнички заедници, постари жени кои живеат сами, лица без средно образование, многудетни семејства, невработени лица, пензионери и лица со попреченост се во поголема опасност да бидат засегнати од енергетска сиромаштија. Тоа е поради тоа што овие категории на граѓани имаат помали примања, поголеми трошоци за енергија и други основи потреби или поголема потреба за греење. Може да се очекува дека како резултат на кризата, енергетската сиромаштија ќе се зголеми. Енергетската сиромаштија во С. Македонија е комплексен проблем кој се јавува како резултат на ниските приходи, но и ниската енергетска ефикасност на становите, високите цени на енергенсите и недостатокот на систематска поддршка за справување со овој предизвик. Овој феномен не е ист со имотна (обична) сиромаштија, односно засега многу поголем број на граѓани од оние со ниски приходи“, вели д-р Ана Стојиловска која изработи докторат на оваа тема.
Таа објаснува дека енергетската сиромаштија не е само неможност да се платат сметките за енергија, туку треба да се смета за дел од потребата да се гарантира задоволување на сите основни потреби во домот – за греење, ладење, превоз, комуникации и слично. Повеќе на Фактор.мк.






