Никогаш во историјата немало раст на пензиите за 24% рече Тренчевска, ама заборави да го спореди тогашниот и сегашниот стандард

Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24% за околу година и половина, рече вечерва министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, ама заборави да го спореди сегашниот и тогашниот стандард. Тренчевска во телевизиско гостување зборуваше за растот на пензиите согласно новата методологија. Порача дека пензиите ќе се исплаќаат секој први во месецот, како и дека пензискиот систем е стабилен.



Во однос на исплатата и усогласувањето кое се прави два пати во годината, во март и септември, министерката појасни дека процентот од 5,3 отсто е согласно податоците кои се добиваат од Државниот завод за статистика. Со ова усогласување, подвлече, минималната пензија денес изнесува 13.200 денари, а просечната над 20.000 денари.

  • Оваа Влада носи системски решенија. Ако Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ наместо популистички мерки и стиропор инвестираше во методологија денес ќе зборевме за минимална пензија од 25.000 денари. Ние градиме систем кој гарантира постојан раст. Денес минималната пензија е 13.200 денари, ако пред година и половина минималната пензија беше 10.480 денари, денес е 13.200 денари. Во услови на криза, пандемија, економска криза и војна се грижиме за раст на пензии, плати и за стандардот на граѓаните. Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто, за околу година и половина, нагласи Тренчевска во емисијата „24 Анализа“.

Министерката посочи дека е многу важно да се одржува пензискиот систем стабилен. Според неа, пензиите се економска категорија и колку се вложува заедно со должината на стажот се дефинира пензијата. Се друго, напомена, е популистичка мерка. Се осврна и на солидарниот систем. Потсети дека на сите што имаат остварено пензии пониски од минималната, државата им го финансира износот до законски утврдена минимална пензија.

  • Пензиите секој први во месецот ќе бидат на сметките на пензионерите. Пензионерите да бидат спокојни, пензискиот систем е стабилен, а со соодветни социјални мерки ќе допреме до најранливите пензионери, порача Тренчевска.