Здравствениот дом Кичево демантира дека во оваа здравствена институција не се прават напори лекар да почне да работи како специјалист.
Според демантот проблемот што лекарот специјалист не врши специјалистичка дејност е во Министерството за здравство и владата од која е побарано да се реши проблемот поради кој ЈЗУ Здравствен Дом Кичево губи пари кои одат во приватма здравствена установа а лекар специјалист не може да ја врши својата работа.
Согласно законот за граѓанска одговорност expres.mk во иста форма и на исто место го објавува демантот на текстот во кој објавивме дека лекар кој специјализирал пред повеќе од 6 месеци се уште не почнал да работи како специјалист за медицина на трудот. Во меѓувреме сите вработени во кичевските фирми кои мораат задолжително да прават систематски прегледи одат во приватна ординација со што здравствениот дом во Кичево губи сериозна сума на пари.
Целиот демант во продолжение:
Демант за објавен текст со наслов „Директор од ДУИ изживувајќи се врз лекар Македонец прави финансиска штета на институцијата што ја води а ќар за приватна ординација“, објавен на 02.10.2023 година.
Почитувани, Со цел точно, транспарентно и целосно информирање на јавноста Ви го испраќаме следниот демант кој се однесува на текстот со наслов „Директор од ДУИ изживувајќи се врз лекар Македонец прави финансиска штета на институцијата што ја води за ќар за приватна ординација“, објавен на 02.10.2023 година на Expres.mk. Здравствениот дом Кичево најостро реагира и ги демантира информациите и тврдењата објавени во текстот коишто се целосно неточни, поради што категорично ги отфрла. Фактичката состојба покажува дека во изминатите шест месеци директорот на Здравствен дом Кичево д-р Џабир Бајрами, одговорно, совесно и со искрени намери, ги презема сите постапки и активности со цел да се овозможи докторот Стојановски да биде прераспределен на соодветно место, како специјалист на медицина на трудот, и согласно тоа да биде регулирана и неговата плата. За таа цел, во здравствена установа е извршена промена на интерните акти со што се создаваат услови за унапредување на докторот. До Министерство за здравство и до Владата е испратено барање за проширување на дејноста на Здравствениот дом со отворање на нова дејност – медицина на труд и до Министерство за финансии е испратено барање за одобрување на финансиски средства за новото работно место. Директорот на Домот и лично ургираше за побрзо завршување на процедурата, бидејќи оваа дејност како и ангажманот на докторот ги сметаме за важни за Домот. Но потенцираме дека додека не се добијат потребните документи и согласности, Здравствениот дом нема законски основ да направи промена на работното место и на платата на докторот, бидејќи тоа ќе биде спротивно на правната регулатива и може да биде оспорено. Во меѓувреме, во просториите на Здравствениот дом се опреми и посебен кабинет по медицина на трудот, со цел веднаш по завршување на законската процедурата да може да почнеме со работа, што е уште еден доказ за намерите на Домот и неговото раководство. Напоменуваме и дека докторот постојано е во тек со сите преземени активности, поради што е и нејасно на што се темели заклучокот дека се постапува тенденциозно, неосновано давајќи му на случајот и етничка димензија. Реагираме и околу тоа дека новинарскиот текст е подготвен надвор од професионалните новинарски стандарди, бидејќи не го почитува основното новинарско правило да биде прашана другата страна. Телефонскиот број на Здравствениот дом е во функција, така што доколку новинарот се обидел да побара став ќе можел да го направи тоа. Здравствениот дом бара објава на демантот и јавно извинување во истиот формат како што е објавен и текстот.
Реакцијата на Здравствениот дом во Кичево се однесува на овој текст
Expres.mk се извинува за дел од квалификациите во текстот но останува на тврдењата дека здравствените и владините институции најмалку половина година затаиле со што е направена сериозна штета на буџетот на државата во случајов ЈЗУ здравствен дом Кичево и Министерството за здравство за што треба да има одговорност.





