Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа е победник на тенискиот ИТФ-турнир во Куршумлиска Бања, Србија, кој се играше неделава на земјени терени и за награден фонд од 40 илјади американски долари.
На петтата носителка Ѓорческа, 216. на ВТА-листата во сингл, во финалето ѝ беа доволни само 66 минути за триумф од 6-3, 6-3 над 20-годишната Хрватка Антонија Ружиќ (300.) во мечот во кој искористи дури шест од седумте брејк-можности и веќе првата меч-топка.
За 29-годишната тетовка ова е прв трофеј годинава по поразите во претходните три финалиња во Талин, во Осиек и исто така во Куршумлиска Бања, вкупно 13 освоен турнир во професионалната кариера.
Триумфот ѝ донесе на Ѓорческа нови 70 поени, со кои уште утре би можела повторно да се врати во топ 200 на најновата ВТА-листа во поединечна конкуренција, на која рекорден ѝ е пласманот на 170. место на 12 јуни 2017 година.
Македонскиот женски рекет број еден претстојната седмица ќе паузира, а за неделата потоа е пријавена на фјучерс во Италија.






