Ова е историски ден за „двата народа кои во минатото беа едно“ или дека „од сега сите кои се чувствуваат Бугари во Македонија ќе можат тоа слободно да го кажат“ беа некои од емоционалните дискусии на пратениците од Националното собрание на Бугарија кое утрово го  ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Македонија.



Маријан Ѓорчев, амбасадор на Република Македонија, беше присутен во собраниската сала.

Пратеникот од опозицијата, Красимир Богданов, праша кој имал од корист од недостигот на пријателски односи меѓу Бугарија и Македонија – секако не луѓето од двете страни на границата, пренесуваат бугарски медиуми.

„Денес правиме обид да ги смириме душите на оние стотици илјади Бугари, кои загинаа во името на еден свет идеал, тестаменти ни од Левски, Ботев, Даме Груев. На некој начин несоодветни се прашањата за тоа дали е нормално две братски држави да не имаат инфраструктурни, економски и културни врски. Луѓето со исто презимиња и историја не се познаваат меѓусебно“, рече Богданов.

„Да не сфаќаме овој договор како крај, туку како почеток за тоа дека Македонија и Бугарија можат да покажат дека Балканот можат да бидат место на мир, просперитет и единство“, рече Богданов.

Според Пламен Манушев од вледејачката ГЕРБ на Борисов, Договорот за добрососедство со Македонија ќе им овозможи на сите кои се чувствуваат Бугари во Македонија да го кажат тоа слободно, да не се плашат дека се Бугари.

„Денес е историски ден за Бугарија. Само пред 26 години во овој парламент, државата ја призна Македонија како независна држава“, рече тој.

„Нашите народи, кои во минатото беа едно, и понатаму ќе бидат такви и договорот го дозволува тоа. Договорот не е предавство, тоа е историски продор во односите меѓу двете братски нации“, рече Пламен Манушев.

Во понеделникот, македонскиот Парламент, исто така, го ратификуваше договорот, потпишан од премиерите на Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 година во Скопје.