Од понеделник за студентите дневно по 140 денари за оброк

Со стартот на новата академска година, студентите кои ги исполниле условите за субвенциониран оброк од понеделникќе може да го користат ваквата поволност, информираат од МОН.



Студентите не сакаат „дозиран“ оброк

Оваа година износот ќе изнесува 140 денари, ќе се исплаќа на дневна основа, а средствата ќе може да се трошат во маркети, ресторани, пекарници и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Сите студенти кои се стекнале или ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменската платежна картичка, независно од тоа дали претходно биле клиенти на банката. За отворање на сметката, издавањето и одржувањето на картичката, студентите нема да имаат никакви трошоци.

Со наменските картички студентите ќе може да купуваат субвенциониран студентски оброк веќе од 2 октомври.

На располагање ќе имаат по 140 денари дневно и тоа секој ден од понеделник до сабота, освен на државни празници.

Неискористениот дел од средствата на дневно ниво нема да биде расположлив следниот ден, дознава Мета.

МОН потсетува дека можноста за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите студенти кои досега поради било какви причини не го оствариле ова право, останува отворена секој нареден месец, од први до седми во месецот, а аплицирањето се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.