Словаците гласаат за парламентарните избори на кои се очекува тесна борба меѓу поранешниот левичарски премиер Роберт Фицо, кој вети дека ќе ја прекине воената помош за соседна Украина, и прозападните либерали предводени од лидерот на ПС, Михал Шимечка.
Конечните анкети покажаа дека двете страни се во мртва трка, при што се очекува победникот да биде првиот што ќе се обиде да формира влада што ќе ја замени привремената администрација која од мај ја предводи земјата со 5,5 милиони жители.
Запад нервозно ги набљудува овие избори.
Влада предводена од Фицо би значело дека Словачка и се придружува на Унгарија меѓу земјите на ЕУ кои го доведуваат во прашање консензусот на блокот за поддршката за Украина, во време кога Европската унија сака да го задржи единството во спротивставувањето на руската инвазија, јавува Си-Ен-Ен.
Тоа, исто така, би ја сместило Словачка меѓу источните поранешни комунистички држави со влади јавно непријателски настроени кон либерализмот, вклучително и Полска со нејзиниот националистички PiS, кој исто така се соочува со избори следниот месец.
Откако Русија ја нападна Украина минатиот февруари, Словачка е еден од најверните сојузници на Киев. Двете земји имаат заедничка граница, Словачка беше првата земја што испрати воздушна одбрана во Украина и прими десетици илјади бегалци.
Но, сето тоа може да се смени доколку Фицо дојде на власт. Поранешниот премиер не ги крие своите симпатии кон Кремљ и ги обвини „украинските нацисти и фашисти“ дека го испровоцирале рускиот претседател Владимир Путин да изврши инвазија, повторувајќи го лажниот наратив што го користел Путин, јавува Си-ен-ен.






