Исплатата на октомвриските пензии за околу 330 илјади пензионери во земјава, започнува во понеделник, 02 октомври.



Усогласувањето или како што некои го нарекуваат „зголемување“ ќе биде 5,3, а не 6.8 насто како што беше најавувано во неколку наврати

Од Министерството за труд и социјала за Сител велат:

„Согласно методологијата и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември ќе биде зголемена за 5.3%. Ова е второ усогласување за оваа година, во месец март беше зголемена за 8.4% и заедно со 5.3% во септември, изнесува вкупно 13.7%“.

Според ова, најмногу ќе добијат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии ќе добијат само 700 денари.

Пензионерите на прротестите во изминативе недели бараа линеарно покачување од 3.500 денари за сите и минимална пензија од 18 илјади денари. Ништо оид тоа не е прифатено.

„Тоа е катастрофа. Ветено ни беше, и самата министерка зборуваше дека ќе оди со 6, па 6 кома нешто, ќе биде повеќе од 6, па излезе 5,3. Тоа е 1,5% разлика, тоа е голема разлика. 5,3 подобро нека си ги повлечат и да речат дека нема зголемување“ – Верче Јанческа, иницијативен одбор на пензионери Прилеп за Сител.

Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери, а најголемиот дел од нив, над 97 илјади, имаат пензии до 13 илјади денари.