Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, упати нова порака до Македонија со стара содржина.
„Бугарија јасно го соопшти својот став за прашањето со Северна Македонија. Ние не поставуваме нови услови, но инсистираме да биде исполнет компромисот од јули 2022 година. И напомнувам дека во него има три меѓусебно поврзани моменти: уставните измени, Договорот за добрососедство и двата протокола“, одговори Габриел на прашањето од Бугарската национална телевизија дали ако Македонија не ги впише Бугарите во Уставот и од Бугарија биде побаран нов компромис, Софија е подготвена да го направи.
„Очекувам од Скопје да не се самосаботира и тоа што го очекувам е европската интеграција, која е ставена во прв план, дека е големата цел, да не биде изместена од дебатата за минатото, туку всушност треба да го трасира патот кон иднината“, додаде шефицата на бугарската дипломатија.






