Стих од „Народе македонски“ на предизборниот плакат на Кирјаков

Плакатот за локалните избори на 29 октомври во Бугарија на кандидатот за градоначалник на Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата, го краси стих од патриотската „химна“ на Македонците „Народе македонски“.



Со „не сакаме богатство, не сакаме пари, тук’ сакаме слобода и човечки правдини“ на бугарски јазик им се обраќа на избирачите македонскиот активист од „главниот град“ на Пиринска Македонија, а во заднината е споменикот на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев во Благоевград.

„Од градот Кукуш до градот Горна Џумаја (Благоевград). Традициите живеат. Над 75 отсто од жителите на денешен Благоевград се потомци на македонски бегалци од Егејска и Вардарска Македонија за време на војните“, констатира на Фејсбук 63-годишниот Кирјаков.

Претседателот на Градскиот комитет на Обединетата македонска организација „Илинден“ за Благоевград „трчаше“ за градоначалник и на претходните локални избори, а сега е кандидат на Националното движење за права и слободи поради одбивањето на бугарската држава да ја регистрира партијата на Македонците.

Кирјаков е еден од 12 пријавени кандидати за „кмет“ на Благоевград.