„Самопожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката борба го поплочуваше патот кон македонската национална слобода и држава. Битката кај Буковиќ од 1 октомври 1943 година е токму пример за пожртвуваноста на младите македонски партизани, кои се судриле со албанските балистички сили.“ – се наведува во статијата со наслов „Саможртвата на македонските партизани како симбол на националната слобода“, која е објавена на интернет-порталот на весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, во статијата пишува: Комесарот Мирко Милески–Урош, откако ги испукал последните куршуми, откачил бомба и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска–Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крајот погубени. Балистите имале над 20 жртви во битката. Споменатата борба кај Буковиќ била една од најжестоките и најсурови во 1943 година.
Непосредно по ослободувањето на Кичево и создавањето на слободната територија во Кичевско се зголемил бројот на албански вооружени балистички формации. Прегрупирањето на балистичките сили се случило по капитулацијата на Италија и создавањето на т.н. нова албанска држава, кој била под политичко влијание на Германија. Балистите се поддржани од новата албанска влада и стануваат германски сојузници и со свежите германски трупи започнуваат да напредуваат од Гостивар кон Кичево.
Главната цел на балистите и германската армија било заземањето на Буковиќ, а потоа напад на градот Кичево, кој по повлекувањето на Италијанците бил првиот ослободен град под контрола на македонските партизани. Балистите извршиле напад врз слободната територија во реонот на планината Буковиќ, каде што престојувала младинската чета на баталјонот „Мирче Ацев“. Младинската чета, која била дел од баталјонот „Мирче Ацев“, била составена од најмладите македонски борци. Во одбраната на слободната територија на Буковиќ, водачи на младите партизани биле комесарот и народен херој Мирко Милески–Урош (20-годишен) и командантот на младинците Лазар Лазарески – Гоце (17-годишен).
Во битката учествувале вкупно 37 борци, меѓу кои и неколку млади Македонки. Заедно со германските сили биле и многубројни балистички сили, предводени од озлогласените Џемаил Хасани – попознат како Џемо Хаса, и Мефаил Шеху. Претходно балистот Мефаил Шеху и неговата балистичка банда биле помилувани од партизаните, откако Кичево било ослободено. Откако Шеху видел дека Италијанците во Кичево се поразени, за да се спаси, им се приклучил на партизаните на 11 септември 1943 година. Но за помалку од еден месец тој се здружил со германските сили против македонските партизани.
Нападот дошол од правец на Гостивар, при што непријателските сили биле предводени од Германци, придружени од балистите на Џемо, на кои им се придружуваат балистите на Мефаил Шеху, стационирани околу селото Бигор Доленци. Во раните утрински часови, на 1 октомври, Мирко Милески телефонирал од железничката станица во Буковиќ дека се опколени и дека четата била нападната од многубројни непријателски сили. Четата добила наредба да се повлече, но младинците немале време да се повлечат затоа што биле опколени. Започнала нерамна битка што траела околу седум часа. Во крвавата битка загинале 32 борци од четата, само петмина успеале да се извлечат.
Комесарот Мирко Милески, откако ги испукал последните куршуми од пушката и револверот, откачил бомба и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска–Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крајот погубени. Балистите имале повеќе од 20 жртви во битката. За германските жртви нема податок. Следниот ден, на 2 октомври, Германците и балистите со помош на бугарските авиони го нападнале градот Кичево.




