„Во 2024 година на изборите македонската демократија може да ја плати цената на индустријата на лаги на оваа власт, предизвикувајќи екстремна домашна политичка нестабилност. Власта ја игра последната игра на големата лага и ќе ја игра до својот крај. До својата пропаст. Или, нашата заедничка пропаст.“ – вели универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Понижување на вистината“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Јанкуловски пишува: Поројот од лаги што тече од устата на популистичката власт се чувствува немилосрдно во Македонија. Нема што не излажа. Нивниот популизам зеде замав и се претвори во целосно лажење. Зарем навистина оваа власт мисли дека веруваме во нејзините лаги? Многу од лагите изречени последниве години звучат шокантно, затоа што изјавите на политичарите се толку проверливи, а очигледно лажни, целосно измислени и толку брзо демантирани во јавноста, што нивната нечесност остава без зборови. Власта не се ни обидува да го прикрие своето популистичко лажење. Гајле им е за народот.
Колку е поголем влогот, толку се поголеми лагите. Како оние за нашето пристапување кон Европската Унија. Или оние за безалтернативноста на нашата надворешна политика, зацементираноста на нашиот идентитет, неменливоста на преговарачката рамка и нашата победа над барањата на соседна Бугарија во контекст на ветото за отворањето на пристапните преговори со Унијата, кои за власта веќе се отворени повеќе години.
Дали има граница на лагите на власта и колкаво е нивото на толеранција на гласачите на истите тие лаги? Од сите лаги досега, кои не можат да се набројат, онаа што најмногу ми се бендисува е дека тие ти биле европскиот фронт, сите други биле некакви руски и какви не инсталации во Македонија. Кога го тврдат тоа наследниците на комунистите повеќе звучи како пародија отколку како лага. Мазохистички е да се лажеш самиот себеси и да веруваш дека некој ја купува таквата лага.
Но, забораваат дека во политичката култура на овој народ недовербата и цинизмот се високи, така што довербата во власта е на ниско ниво, па најголемата грешка што може да ја направи власта е да верува во сопствените лаги. А го прави тоа. Оваа власт е изгубена во сопствените лаги и не може да ја сфати сериозноста на она, што како одговор ќе ѝ биде испорачано на изборите. Кога ќе се испише историјата на оваа ера на власта, знам дека уводното поглавје ќе започне со нејзините големи лаги, кои ги заразија нашиот правен систем и официјалните политики, создавајќи непоправливи штети за државата.
Индустријата на лаги, што ја изгради власта, ќе продолжи да го поткопува демократското ткиво на македонската држава и во иднина. Не верувам дека ќе запре. Својот врв ќе го достигне на изборите следната година. Сѐ додека популизмот на власта се насладува со лаги, се плашам дека таа нема да биде подготвена да ја почитува вистината на гласачките кутии во годината на избори.
Во 2024 година, македонската демократија може да ја плати цената на индустријата на лаги, предизвикувајќи екстремна домашна политичка нестабилност. Не смееме да ја отфрлиме оваа можност само затоа што изгледа нереално, или премногу ужасно за да се замисли. Власта ја игра последната игра на големата лага и ќе ја игра до својот крај. До својата пропаст. Или, поточно, нашата заедничка пропаст.





