На 8 септември приватното училиштето „Оукли грамар“ на Грчката православна архиепископија во Австралија го подигна македонското државно знаме во чест на Денот на независноста на Република Македонија, но тоа не ѝ се допадна на тамошната грчка заедница.
Одговарајќи на прашања од весникот на грчката дијаспора во Австралија, „Неос космос“, претседателот на училиштето, Крис Даматопулос, и директорот Марк Робертсон, потпишаа заедничко писмо во кое велат дека во 2011 година донеле „совесна и храбра одлука да ја отворат својата образовна институција за прифат, нега и грижа за сите деца и за нивните семејства, без разлика на нивната боја, вера или раса“.
Двајцата истовремено нагласија дека училиштето продолжува да ги „чува“ и одржува столбовите на христијанското православие и на хеленизмот, но и оти е приврзано кон австралиската образовна политика на толеранција и различност и на „40 различни“ култури претставени во студентската популација на училиштето.
„Денес ние сме горди на разновидното, мултикултурно семејство на ‘Оукли грамар’ со преку илјада вработени и ученици, кои претставуваат над 40 националности.
„За да се демонстрира инклузивност кон сите деца во ликот и љубовта Божја, беше решено да се веат знамињата на нациите на потекло на нашите студенти и вработени на соодветните национални денови во хармонија, мир и како признание за нашата мултикултурна заедница“, велат Даматопулос и Робертсон во писмото.
Тие нагласија дека немале „намера да навредуваат или да не почитуваат“, додавајќи дека „практиката е прифатена со цело срце од заедницата на која ѝ служиме во Христа,со љубов и единство“.
Како реакција на кревањето на знамето, Панмакедонската асоцијација од Мелбурн, Викторија, испрати писмо до училиштето и до архиепископот Макариос, поглавар на Грчката православна архиепископија на Австралија, во кое ги осудува постапките на училиштето.
Во својот протест Асоцијацијата вели дека „подигањето на знамето на Северна Македонија, земја која во безброј наврати во минатото, а и понатаму продолжува да го поткопува историското право на Грција врз античкото наследство на Македонија, ја разбесни грчката заедница“.
Во писмото се сугерира дека подигањето на македонското знаме во училиште со „силни врски со грчката заедница“ и поврзано со Грчката православна архиепископија било „интерпретирано како поддршка на нападот на оваа нација врз грчката историја и на нејзината рамнодушност кон чувствителната природа на ова прашање“.
И покрај тоа што во писмото се признава дека „неколку или ни толку ученици“ можеби тврдат дека имаат македонско потекло, истовремено се порачува дека нивните права треба да подлежат на „грчката заедница, чии вредности вашето училиште треба да ги одразува или тоа нема да може да работи“.






