Делови од централна Грција се поплавени по втор пат за помалку од еден месец, бидејќи бурата „Илијас“ ја зафати земјата со пороен дожд и грмотевици.



Најпогодени области се градот Волос во Тесалија и северна Евија, јавува Greek reporter.

На жителите на Волос им беше забрането да патуваат бидејќи невремето поплави патишта, подруми, домови и деловни објекти. Врнежите се закануваат повторно да ги подигнат водите на реката Крафсидонас на опасни нивоа, како што тоа го направи за време на неодамнешната бура „Даниел“.

Градоначалникот на Волос во интервју за protothema.gr вели дека 80 отсто од градот е потопен и во темница, бидејќи струјата е исклучена.

Десетици луѓе се заробени во поплавените домови или возачи во нивните автомобили, но спасувачите тешко им се приближуваат. Досега 15 возачи и пешаци се евакуирани од несигурни ситуации.

Во предградието на планината Пилио во Волос, каде што претходното невреме однесе животи, а инфраструктурата беше сериозно оштетена, невремето со грмотевици донесе силен дожд и водата тече во порои.

Во соопштението на општината Волос се повикуваат жителите да го почитуваат полицискиот час и да ги следат полициските наредби, дозволувајќи им на екипите да работат без пречки. Островот Евија исто така беше сериозно погоден во средата.

Главната сообраќајница на островот, која ги поврзува југот и северот на островот, е блокирана од лизгање на земјиштето на север, додека дрвјата што паднаа на далноводи предизвикаа прекини на струја и проблеми со снабдувањето со вода во неколку области.