Со својот најдобар настап во досегашниот тек од сезоната, ракометарите на Еурофарм Пелистер му дадоа достоен отпор на четирикратниот европски првак и уште толку пати вицешампион Кил, од кој загубија со 23:20 во Битола во третото коло од групата А во Лигата на шампионите.
За разлика од подредената улога против норвешки Колстад дома и со Олборг во Данска, македонскиот првак дури во завршницата потклекна против еден од фаворитите за титулата, во која влезе со 19:19, а вкупно осум пати го израмнуваше резултатот.
Десното крило Богдан Радивоевиќ беше најефикасен кај пелистерци со 5 гола од 6 обиди, пред десниот бек Нејц Цехте со 4/6.
Во следното коло на 12 октомври „зелено-белите“ ќе му гостуваат на Пари Сен Жермен, кој загуби со 30:29 во Кјељце.




