Душица Димитриеска нов претседател на Советот на јавни обвинители

Фото: веб-страница на Совет на јавни обвинители

Советот на јавни обвинители на денешната 85. седница за нов претседател ја избра Душица Димитриеска, а Иџет Мемети за нов заменик претседател.



Јавната обвинителка Душица Димитриеска е член на Советот од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар.

Димитриеска едногласно беше избрана за нов претседател на Советот на јавните обвинители на денешната седница, со тајно гласање кое беше спроведено по принципот на непосредни избори, со ливчиња, параван и кутија за гласање. Како што констатира Комисијата што беше формирана за спроведување на изборот, таа доби едногласна поддршка од членовите на Советот на јавните обвинители.

Предлогот таа да раководи со ова тело дојде од сè уште актуелниот претседател Јолевски, кој по завршувањето на мандатот и понатаму останува член на Советот.

Обвинителката Душица Димитриеска од 1 октомври, па во следните две години ќе претседателствува со Советот на јавните обвинители бидејќи на актуелниот претседател Антонио Јолевски в сабота на 30 септември му истекува двегодишниот мандат.

Во изјава за медиумите по нејзиниот избор, Димитриеска рече дека ќе се залага за унапредување на сите работи што се во домен на работењето на Советот на јавните обвинители. Транспарентноста и приближувањето до јавноста, посочи дека ќе биде една од главните нејзини и заложби на Советот.