Поскапува изградбата на ХЕЦ „Чебрен“, колку пари ќе се одлеат од државната каса?!

Понудата на грчкиот конзорциум што ќе го гради ХЕЦ „Чебрен“, изнесува 1.320 милиони евра за еден мегават произведена електрична енергија. За споредба, во 2003 година, кога беше објавен првиот повик, трошоците беа проектирани на еден милион евра за еден мегават, но во меѓувреме се случија 13 неуспешни повици и многу работи поскапеа оттогаш, објави „ВечерПресс“. Ова на семинар за новинари што се одржа деновиве во Охрид, го истакна советникот за енергетика во кабинетот на премиерот, Виктор Андонов.



Тој ја разјасни дилемата во јавноста за тоа зошто Владата ја прифатила проценетата инвестиција на конзорциумот „Паблик Пауер корпорејшн – Архиродон“ од околу една милијарда евра за градење хидроцентрала со моќност од 333 мегавати, наспроти претходниот повик од 2020 година, кога за истата моќност беше дадена понуда од 570 милиони евра и не беше прифатена.

– На повикот што беше објавен во 2013 година, добивме понуда за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ од 400 до 450 милиони евра. Но, оттогаш имаме две-три кризи, со инфлацијата и со порастот на трошоците. На пример, само од 2022 до 2023 година има пораст на трошоците за 23% – објасни Андонов.

Според него, инвеститорот е ослободен од сите други трошоци, затоа што АД ЕСМ, која влегува како партнер во акционерското друштво со 33% од акциите, нема да вложува пари, но затоа, пак, како влог ја дава ХЕЦ „Тиквеш“ на користење на грчкиот инвеститор, како и целото земјиште.

Најверојатно, грчкиот инвеститор ќе бара меѓународно кредитирање и заем од 700 милиони евра за да може да го изгради системот на Црна Река. А, колку ќе чини крајната инвестиција, која, според Андонов, може да порасне и на две милијарди евра, тоа не треба да нè засега нас, како држава. Повеќе на ВечерПресс.мк.