Францускиот инвеститор ќе чека до пролет за да ја почне изградбата на најголемата фотоволтаична централа во земјава

Најголемата фотоволтаика во земјава и на Балканот, инвестиција на француската компанија „Акуо енерџи“ (Akuo Energy), сè уште минува низ државните лавиринти за да може да почне да се реализира. Од компанијата се надеваат дека сите процедури поврзани со оваа стратешка инвестиција ќе завршат годинава и напролет следната година ќе почне да се гради соларниот парк. Проектот ќе се реализира етапно и се очекува да биде завршен за најмалку 2 години, а покрај струја ќе произведува и земјоделски производи кои ќе бидат наменети за извоз.



Инвеститорот, на барање на владата изготвува студија за оправданост која треба да ја одобрат Владата и Собранието, а потоа ќе ги бара потребните дозволи за градба.
Очекуваме оваа студија да ја имаме многу брзо и на крајот на октомври или почетокот на ноември да биде на владина седница. Потоа за неа треба да се изјасни Собранието. До крајот на годината очекуваме процесот да се забрза и да ги добиеме соодветните дозволи за градба од Министерството за транспорт и врски и напролет да почнеме со реализација – велат застапниците на компанијата.

Со оглед на големината на соларниот парк, предвидено е тој да се гради етапно.

– Ќе бидеме задоволни ако проектот го реализираме за 2 години со оглед на површината којашто е планирана за тоа. Градбата ќе биде етапна и така ќе се пушта во работа – додаваат тие.

Инвестицијата, според најавеното, требаше да почне да се гради лани и да биде завршена во 2024 година, но поради одолговлекување на процедурите дури сега може да се рече дека ќе се реализира. Прашавме во владата и во Министерството за екологија зошто се доцни, но не добивме одговор.

Деновиве министерката за животна средина Каја Шукова која заедно со министерот за надворешна трговија на Франција, Оливје Бешт, беше на локацијата на која ќе се гради паркот, изјави дека се при крај формалностите околу инвестицијата, но не кажа кога ќе почне изградбата.

– Владата го препозна овој голем проект, кој е во согласност со Законот за стратешки инвестиции. Останува само технички да се дозавршат одредени формалности и процедури и да се создадат услови за да може да се почне со реална имплементација на проектот – рече Шукова.

Инвестицијата е најавена како агросоларна какви што се и најголемиот дел на соларните паркови што ги гради францускиот инвеститор. Се предвидува под панелите да бидат насадени земјоделски култури.
Целата анализа на :
https://plusinfo.mk/ushte-eden-krug-niz-drzhavnite-lavirinti-pa-e-vidi-bel-den-francuskiot-investitor-e-cheka-do-prolet-za-da-a-pochne-izgradbata-na-na-golemata-fotovoltaika-vo-zem-ava/