„Преку објава на фејсбук Албанската национална православна црква ‘Свети Козма’ соопшти дека донела неколку канонски црковни одлуки против Српската црква. Во нејзиното соопштение се вели дека таа ја проколнала Српската црква. Според нив, оваа нивна одлука предвидува и непризнавање каков било документ, кој ќе биде издаден од Српската црква.“ – пренесува Клан Косова.
Клан Косова ја пренесува целосната објава на Албанската национална православна црква „Свети Козма“, која е со седиште во Елбасан, Албанија:
„Црковна канонска одлука: Со одлука на Советот на Албанската национална православна црква и со благослов на нејзиниот поглавар отец Никола Џуфка е одлучено:
1. Нашата црква ги проколнува Српската црква и нејзиниот поглавар Порфириј.
2. Канонско раздвојување со која било српска црква во Србија, или низ целиот свет.
3. Се прогласува како еретик (отстапник од верата) секој српски свештеник.
4. Непризнавање на Српската црква како мирољубива христијанска црква.
5. Непризнавање ниеден документ, кој се издава од Српската црква: крштеници, венчалници и друго.
6. Забрана за влез на кој било српски свештеник во Албанската црква.
Оваа одлука стапува во сила веднаш.“
Поодделно, шефот на Албанската национална православна црква „Свети Козма“ отец Никола Џуфка се огласи преку тикток со „повик до косовскиот премиер Албин Курти да стои цврсто до мајката Албанија и да не дозволи формирање еднонационална Српска асоцијација на општини во Косово, ниту нови српски масакри врз Албанците во Косово“.





