Највозрасните граѓани во земјава по се изгледа пак ќе бидат извисени. Ниту серијата протести, ниту јавниот револт поради скапотијата, ништо не вроди со плод за да живеат подобро во сопствената држава. Па така, пензионерите на 1 октомври ќе добијат усогласена септемвриска пензија, зголемена за 6,8%, пради растот на трошоците за живот и на просечната плата. Тоа значи дека оние со најниски пензии, кои во моментов изнесуваат 11.897 денари, ќе добијат дополнителни 810 денари, додека, пак, 75 приматели на највисока пензија (69.803 денари) ќе се израдуваат на плус 4.750 денари.

Од вкупно 336.806 пензионери, кои се евидентирани во ПИОМ заклучно со август, 97.033 примаат пензии до 13.300 денари, 66.454 пензионери имаат пензиски примања до 16.000 денари, а 86.719 – до 22.000 денари. Износи над 22.000 денари добиваат 92.600 пензионери и во оваа група се највисоките пензии, кои се од 48.304 до 69.803 денари.
Пензионерите, незадоволни од ваквото усогласување на пензиите, на протести бараа линеарно покачување за сите од 3.500 денари и утврдување на минималната пензија над 18.000 денари. Тие велат дека, за нив, процентуалното зголемување не е прифатливо решение, затоа што потрошувачката кошничка, во апсолутен износ, за сите се зголемила исто.

Доколку се оди кон линеарен пораст на пензиите од 3.500 денари, тоа претпоставува дека месечно ќе бидат потребни дополнителни 1.178.821.000 денари или 19,1 милион евра, а годишно 230 милиони евра.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска очекува наскоро да има конкретни предлози од работната група за барањата на пензионерите, кои потоа ќе бидат доставени до Владата.




