Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата за крвавиот судир во косовското село Бањска ја спомена и Македонија во контекст на, според него, двојниот аршин на т.н. меѓународна заедница.
„Кога имаше таков вид судир во Северна Македонија, светот тоа го запираше, правеше разговори и договори. Денеска рекоа: ‘Убијте ги сите’. Кога Србија отиде во Дреница да се справи со оние кои сакаа да се отцепат од меѓународно признатата држава, тие велеа дека се борци за слобода на чело со Јашари, а не терористи. Само Србите секогаш изгледаат како терористи“, рече Вучиќ.
„Тоа за нас е лекција да знаеме со кого си имаме работа и да знаеме што мислат за нас. Денеска можевте да ги слушнете како ја обвинуваат Србија и тоа доволно говори за тоа кои се нивните намери, од Рот (Михаел, германски пратеник и ексминистер за Европа – н.з.) до Фелингер (Гинтер, основач на невладината организација Европски комитет за проширување на НАТО), кој повикува да го бомбардираат Белград“, додаде шефот на српската држава.






