Два гола и асистенција на Миовски во шкотската Премиер лига

Бојан Миовски е прогласен за играч на натпреварот од шестото коло во фудбалската Премиер лига на Шкотска, во кој Абердин славеше со 4:0 против Рос Каунти, а македонскиот репрезентативец во првата првенствена победа сезонава за својот тим вгради два гола и една асистенција.



Токму Миовски го отвори резултатот на стадионот „Питодри“ во 21. минута и го затвори во 52. минута, а учествуваше и во третиот погодок на домаќинот, асистирајќи му на стрелецот Џејми Мекграт.

Со вкупно 4 гола во лигата, 24-годишниот штипјанец го дели првото место на листата на стрелците со двоецот на Селтик, Јапонецот Кјого Фурухаши и Метју О’Рајли од Данска.

Иако до средината на јули закрепнуваше од тешката повреда на ногата од финишот на минатата сезона, македонскиот голгетер потоа нанижа 8 погодоци – покрај четирите во шкотската Премиер лига, даде уште два во Лига Европа и по еден во Лига купот на Шкотска и во пријателскиот меч со Чарлтон.