Кој и зошто форсира едни исти лица да ги добиваат највисоките награди во државата?!

Поетесата Линдита Ахмети минатата година беше меѓу добитниците на највисоката државна награда „11 октомври“ а оваа година е претседател на Комисијата која одлучува за следните добитници на престижното признание. Тоа само по себе е невообичаено за што реагираше и пратеничката во Собранието Гордана Силјановска Давкова, но уште поинтересно е дека Ахмети годинава е и меѓу кандидатите за наградата „13 ноември“, која ја доделува градот Скопје по повод денот на неговото ослободување.



*

Кандидатурата можеби не е спорна, но до редакцијата на Експрес.мк пристигна информација дека се вршат притисоци „од горе“, за неколку кандидати, меѓу кои и Линдита Ахмети по секоја цена да бидат добитници за 2023 година. Нашите извори велат дека им е неразбирливо зошто се форсира Ахмети по секоја цена да биде победник, кога минатата година веќе доби награда за животно дело, иако во тој момент немаше ниту 50 години. Понатаму, во трката за награда се појавува и лице кое поради природата на функцијата на која се наоѓа, потпаѓа под категоријата за конфликт на интереси и лесно може да тргува со влијание.

Нашите извори повторуваат дека никој не ги спори уметничките квалитети на поетесата или на другите лица за кои се фаќаат врски, но отпор се создава кога некој упорно форсира едни исти да ги добиваат највисоките награди во државата, а се запоставуват други квалитетни автори и уметници. Со тоа, се девалвира и самата награда која треба да преставува врвна почест и потврда за нечие творештво.

Експрес.мк ќе продолжи да го следи развојот на оваа сторија и дополнително ќе ве информира што се случува со наградата која ја доделува главниот град.