Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, доби уште една надлежност. Освен што го регулира енергетскиот сектор и водните услуги, отсега е надлежна и за утврдување на тарифите на давателите на услуги за управување со комунален отпад на ниво на цела држава.
Претседателот на Регулаторната Комисија, Марко Бислимоски на семинарот за новинари во Охрид рече дека одлуката е помината во Службен весник и со неа добиваат уште една обврска плус која доаѓа, како што рече „врз основа на тоа што го имаат сработено во изминатиот период“.
„Почнавме како Регулаторна комисија за енергетика, продолживме со водни услуги и сега дополнително ќе ги определуваме и тарифите за комунален отпад.
„Во изминатиов период повеќе општини во државата знаејќи дека ќе го преземеме утврдувањето со цените за комуналниот отпад, најдоа начин да ги зголемат и тоа се случи во неколку општини во државата што е невообичаено зголемување од над 50 проценти.
Претпоставувам дека тоа е направено поради тоа што знаеја дека кога ќе почне РКЕ да регулира, нема да дозволи такви поскапувања на цените за комунален отпад“, вели Бислимоски.
Шефот на РКЕ сепак смирува дека не очекува ценовни шокови и затоа бара од јавните комунални претпријатија да ја зголемат својата ефикасност во работењето, јавува Вечер.прес







