Необјасниво е зошто Груевски би преземал каква било акција во делот да може да се разруши стабилноста на ВМРО-ДПМНЕ, кога ВМРО-ДПМНЕ е најкомпактно, после конгресот, каде со акламација е избран проф.д-р Христијан Мицкоски, вели во интервју за Радио Лидер, истакнатиот член на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен амбасадор, градоначалник, како и кандидат за лидер на партијата, Марјан Ѓорчев.



Тој смета дека Груевски не ги повикал пратениците на единство за да го издржат притисокот на кој се изложени.

„Во овој момент се врши страшен притисок врз Република Македонија, врз институциите и тука веројатно е обидот на Груевски, на некој начин, не покажувајќи цврсто јадро во себе којшто ќе значи еден амалгам, којшто ќе ги обедини Македонците и ќе каже јас ви порачувам од Будимпешта вие да бидете обединети, силни и да издржите под притисок на уставните измени“ , вели Ѓорчев.

Ѓорчев вели дека не гледа логика еден поранешен претседател на партија, кој е легитимно назначен и разрешен, така да се однесува.

„Не ја гледам човечката логика на еден претседател кој бил толку години, кој е избран според тоа како предвидуваат статутите на ВМРО-ДПМНЕ и разрешен на начин како што предвидуваат статутите на ВМРО-ДПМНЕ, и според мене за еден човек да остане човек до крај, во вакви моменти треба да даде поддршка, тој го прави тоа спротивното – вели Ѓорчев, кој беше противкандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ при изборот на Груевски за лидерската позиција во партијата.