Варшава престанува со достава на оружје на Киев и наместо тоа ќе се фокусира на вооружување, изјави синоќа полскиот премиер Матеуш Моравјецки, поради спорот околу украинскиот земјоделски извоз во Полска.
„Веќе не пренесуваме оружје во Украина, бидејќи сега ја вооружуваме Полска со помодерно оружје“, рече Моравјецки во гостувањето на полскиот телевизиски канал Полсат, пренесе Политико.
„Ако не сакате да бидете во дефанзива, мора да имате со што да се браните“, додаде тој, инсистирајќи, сепак, дека потегот нема да ја загрози безбедноста на Украина.
Изјавата на премиерот Матеуш Моравјецки дојде во време кога полско-украинските односи се затегнати поради продолжувањето на забраната на Варшава за увоз на украинско жито.
Премиерот рече дека Полска помага да се победи „рускиот варварин“, но не може да се согласи да го дестабилизира полскиот пазар со увоз на украинско жито.
„Секако дека ќе го задржиме транзитот на украинската стока“, рече тој. „Полска поради ова не сноси никакви трошоци. Напротив, може да се каже дека заработуваме од тоа“, додаде тој.
Тој рече дека жали што украинските олигарси „го туркале своето жито на полскиот пазар“ без оглед на ефектите што ги имале врз полските земјоделци, што ги намалило цените и ја навело владата да воведе гаранции за цените и на крајот да го забрани увозот на украинското жито.
Наместо да испраќа оружје во Украина, Моравјецки рече дека Полска сега „се брани со најмодерното оружје“.
„Полска во моментов не доставува оружје во Украина и активно се вооружува“, рече Моравјецки, додавајќи дека „Украина се брани од брутален руски напад и јас ја разбирам таа ситуација, но и ние мора да ја одбраниме сопствената земја“.
Полска беше најзначајниот играч во вооружувањето на Украина, не само со снабдување на воена опрема како што се МиГ-29, туку и дозволувајќи им на странските партнери да складираат и пренесуваат оружје преку полската граница во Украина.
Досега Варшава испорача воена помош на Киев во вредност од повеќе од три милијарди американски долари.
Вчера полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Украина треба да запомни дека добива помош од Полска.
„Би било добро Украина да запомни дека добива помош од нас и да запомни дека ние сме и транзитна земја за Украина“, изјави тој пред новинарите во Њујорк по обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации.






