Истражување на „Гардијан“: Македонија со најзагаден воздух во Европа

Дури 98 проценти од Европејците дишат загаден воздух, а најзагрозена во тој поглед е Македонија, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“, повикувајќи се на свое истражување во кое се сублимирани податоците од над 1.400 мерни станици низ стариот континент.



„Најпогодена земја во Европа е Северна Македонија. Речиси две третини од луѓето ширум земјата живеат во области со повеќе од четири пати повеќе од дозволените концентрации на ПМ 2.5 од Светската здравствена организација, додека во четири области беше откриено дека имаат загаденост на воздухот речиси шест пати повеќе од тоа, вклучително и во главниот град Скопје“, пишува „Гардијан“.

Речиси сите жители во седум земји во Источна Европа – Србија, Романија, Албанија, Македонија, Полска, Словачка и Унгарија – имаат двојно поголемо аерозагадување од максимумот одреден од СЗО.

Повеќе од половина од населението во Македонија и во Србија живее со четири пати поголемо загадување на воздухот од дозволеното од СЗО.

Во Германија три четвртини од населението живее со повеќе од двојно поголемо аерозагадување од упатствата на СЗО. Во Шпанија таа бројка е 49 проценти, а во Франција е 37 отсто.

Во Обединетото Кралство три четвртини од населението живеат во области каде изложеноста е меѓу еден и два пати повеќе од упатствата на СЗО, со речиси една четвртина над неа.

Скоро 30 милиони Европејци живеат во области со мали концентрации на честички кои се најмалку четири пати повеќе од упатствата на СЗО.

Спротивно на тоа, во Шведска не постои област каде што ПМ 2.5 достигнува над двојно повеќе од бројката на СЗО, а некои области во северна Шкотска се меѓу ретките низ Европа што паѓаат под него.