Албанската опозиција го отфрли предлогот на Ахмети да настапат со ДУИ на заедничка листа на парламентарните избори

Претседателот на ДУИ Али Ахмети пред неколку дена ја објави својата идеја на следните избори сите албански партии да се натпреваруваат заедно на една листа. „Подготвен сум за една листа. Сите албански партии во една листа. Сите партии со нас, но секој со своја самостојност.“ – кажа Ахмети. Ова го објави ТВ 21.

ТВ 21 пишува: Но, албанската опозиција не се согласува. Орхан Муртезани, портпаролот на Алтернатива вели дека веќе ја формирале здружената албанска опозиција и на следните избори ќе се натпреваруваат со посебна листа. „Го создадовме албанскиот опозициски фронт и ќе одиме со посебни листи.“ – нагласи Муртезани.

Соработката на изборите меѓу сите албански политички партии ја поздрави поранешниот лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Но, тој додаде дека не би сакал да соработува со албанската опозиција, поради, како што рече, горчливите искуства во минатото. „Ако продолжиме со ваква авантура, можеме само да испратиме порака дека сакаме да не изневеруваат, ништо друго. Досегашното искуство покажа дека згрешивме кога ја подадовме раката.“ – изјави Села.

Во врска со изјавите на Зијадин Села Орхан Муртезани вели дека Алијансата за Албанците е во овој момент во неповолна ситуација и додава дека е сега време таа партија да одлучи дали, како што вели, ќе остане опашка на ДУИ, или ќе ѝ се придружи на опозицијата.

Во однос на соработката со Алијансата за Албанците Беса и Демократското движење вчера изразија отвореност тоа да се случи. Од Беса порачаа дека Арбен Таравари е добредојден да му се приклучи на опозицискиот фронт, но и оти прво мора да го разјаснат својот став дали се оградуваат од политиките на оваа Влада.