Трамп да го покаже „планот за мир“ во Украина, бара Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика поранешниот американски лидер Доналд Трамп јавно да ги сподели своите мировни планови доколку знае како да ја заврши војната со Русија.



Во интервју за Си-Ен-Ен, Зеленски рече дека секој мировен план што вклучува откажување од окупираните територии е неприфатлив за Украина.

„Значи, ако идејата е да се одземе дел од нашата територија и да му се даде на Путин, тоа не е формула за мир“, рече Зеленски.

Поранешниот претседател и кандидат за уште еден мандат, вети дека доколку победи на изборите идната година, ќе ја заврши војната во Украина за само 24 часа и да ја „спречи Третата светска војна“.

Во едно неодамнешно интервју, тој рече дека нема да открива детали за неговиот план за да не ги „изгуби своите адути“.

Во исто време, тој е убеден дека може да ги натера Владимир Зеленски и Путин да седнат на преговарачка маса за „фер договор“.