Од денеска гарантирана и пониска цена на некои прехранбени артикли

Со ознака „гарантирана цена“ и 10% поевтино отколку на 1 август, од денеска во маркетите ќе се продаваат неколку видови леб, бисквити, наполитанки, јогурт, јајца, млеко, тестенини, овошје, зеленчук, сирење, дел од месните производи…



Ооваа мерка ќе важи најдоцна до крајот на ноември, но беше најавено дека може да се продолжи ако има потреба. За да се обезбеди снабденост со производи во продавниците и маркетите, Владата ги обврза трговците задолжително да обезбедат најмалку 70 отсто од количините кои ги обезбедувале во август.

Министерот за економија Крешник Бектеши е оптимист дека и други производители и увозници кои не се дел од мерката, самоиницијативно ќе ги намалат цените.

Експертите велат мерката е позитивна, но е задоцнета:

„Замрзнувањето на цените на одредени прехранбени производи е задоцнета, но позитивна реакција на државата при постојната состојба на пазарот.

Задоцнета е бидејќи во меѓувреме, додека државата не реагираше, сопствениците на производни и трговски капацитети трупаа ектрапрофити на сметка на граѓаните.

Позитивна е, бидејќи ќе се одрази позитивно не само врз стандардот на граѓаните, туку и ќе придонесе за стабилизација на инфлацијата. Ако може Народна банка постојано да внимава на инфлацијата преку контрола на каматните стапки, и Владата може тоа да го прави преку замрзнување на цените на оние стоки на пазарот каде што има преголема разлика меѓу производната и продажната цена – вели професорот Здравко Савески за Фактор.