Во  напис за „Нова Македонија“, како дел од серијалот „Речник на душата“, новинарот и писател Венко Андоновски констатира дека „проблемот со името“ е уште една подметната флоскула, која, како и секоја флоскула, означува нешто што реално не постои, туку е илузија произведена во мас-медиумите и глобалната политика и „прифатена од нас здраво за готово, без проверка“.



„Најпрвин: за кого постои ‘проблемот со името’? За нас, се разбира, не“, констатира Андоновски и вели дека „ние немаме проблем со името и знаеме како се викаме и ние, и нашата заедничка татковина, и нашиот јазик. Македонци, Македонија, македонски јазик. Кој има проблем со тоа?“

Тој вели дека не верува оти, „освен Грција и екстремните албански шовинисти, некој друг би имал проблем со тоа име (Кина, Русија, Индија, арапските земји, Мексико, Венецуела, Гватемала, Египет). И, се разбира, некои светски ментори на Грција, и тоа исто така поради вешто создадената НОВОГРЧКА илузија дека денешните Грци се продолжувачи (а не само прости географски наследници) на античката елинска култура: на Софокле, Аристотел и на ‘грчките митови’.

„Второ од што треба да се ослободиме“, препорачува Андоновски е „чувството на вина за настанатиот проблем“. „Многу лесно се согласивме дека има проблем, уште полесно дека ние сме виновни за него. Во основа, она што таа пропагандна машинерија создадена за промена на името го прави е постапка карактеристична за секој психопат – ќе ве убеди во вистинитоста на првата своја хипотеза (на пример, дека вие сте виновен и дека имате проблем), така што хипотезата, со вашето согласување да ја прифатите како вистинита, ќе се претвори во ТЕЗА. Од тој момент натаму сте ‘готов’, во канџите на психопатот, кој секогаш ќе биде чекор напред во битката со вас, а вие ќе каскате зад него“.

Ние, вели Андоновски, од осамостојувањето наваму упорно наседнуваме на тој трик – се согласивме да бидеме виновни за името, се согласивме дека тоа е ‘проблем’ и сега не ни останува ништо друго освен да го ‘решаваме’ проблемот, така што други ќе ни сугерираат решенија. Тие сугестии, меѓутоа, ќе имаат сила на облигација, зашто ние сме ПРИЗНАЛЕ дека сме виновници, па ете, и први сме заинтересирани за ‘изнаоѓање решение’“.

Тскстот на Венко Андоновски за „Нова Македонија“