Македонско друштво „Илинден“ – Тирана: Македонците од Голо Брдо јасно го искажуваат своето македонско чувство и никогаш нема да бидат Бугари!

„Додека македонското МНР анемично преку соопштение ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат на пописот, Бугарија агресивно и директно, спротивно на Договорот за пријателство и соработка, ја продолжува асимилаторската политика врз припадниците на македонското малцинство во Албанија, но и во другите соседни земји, за да покаже дека кога наоколу во регионот нема Македонци, тогаш ги нема ниту во државата Македонија.“ – вели новинарот Сашо Таневски во анализата со наслов „Бугарските асимилаторски политики на терен во полна пареа“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Бугарија ја користи нашата негрижа за македонското малцинство во Албанија и другите земји во соседството

Во анализата, покрај другото, пишува: Последната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија е токму во насока да направи сѐ да ги стави во заблуда тамошните Македонци, за да се попишат како Бугари на пописот што почнува денеска и кој ќе трае во следните шест недели. Македонското МНР дефинитивно покажа дека не се грижи во континуитет за македонското малцинство, особено не во соседните земји, туку и тоа е ставено во функција на етничката агенда на првиот човек во ова Министерство Бујар Османи. Кога стануваше збор за пописот во Македонија од пред некоја година, тогаш Османи заедно со владин вицепремиер, беше на турнеја низ Европа да ги покренат Албанците да се попишат на пописот.

Бугарија постојано во континуитет праќа емисари што делат бугарски книги, донираат возила, отвораат училишта, им нудат бугарски пасоши, пакети со храна, прават сè тие луѓе таму да почувствуваат дека некој друг повеќе се грижи за нив отколку нивната матична земја. Она што недостига од македонска страна, а Бугарија континуирано го прави, е максимална грижа за нашинците од онаа страна на западната граница. Наместо посетите да се реализираат само под притисокот на јавноста, која отворено кажува дека државата не се грижи за Македонците надвор од земјата, потребна е поширока стратегија како македонското малцинство во околните земји да биде заштитено и помогнато од нивната матична држава.

МНР молчи, нашинците сами се спротивставуваат на бугарските асимилаторски политики

И додека МНР молчи и не реагира на активностите на бугарската потпретседателка, во деловите во кои живее македонско малцинство во Албанија, со реакција се огласи  македонското друштво „Илинден“ – Тирана, од каде што најостро ја осудуваат, како што ја нарекоа, антимакедонската дводневна посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како претставник на Македонците од Република Албанија, се солидаризира со многубројните реакции на македонското население во Голо Брдо. Наедно, сметаме дека е потребно на светската јавност да ѝ ја пренесеме пораката на Македонците од Голо Брдо и јасно да го декларираме македонското чувство на Македонците од Голо Брдо. Од нив во повеќе наврати беше побарано да се изјаснат како Бугари. Македонците во Република Албанија велат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари. – порачуваат од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Слично реагираше и Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ и администратор на административната единица Требиште. Најавата за отворање училишта на бугарски јазик  е продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас, Македонците во Голо Брдо. – изјави Едмонд Османи.

„Македонското МНР последните години повеќе се грижи за интересите на друга соседна земја отколку за Македонците надвор.  – вели соговорник, кој подолги години беше вклучен во дипломатските активности поврзани со грижата за малцинствата.

„Кога цел свет нè притиска да го менуваме Уставот за да ги внесеме Бугарите, тогаш да си ја вратиме и грижата за малцинствата. Никој не може да ни кажува како самите да си го скроиме највисокиот правен акт. На терен се спроведува таква асимилаторска политика незапамтено повеќе од еден век. Може да претпоставиме каква ќе биде асимилаторската политика, ако влезат Бугарите во Уставот.“ – заклучува нашиот соговорник.