Познато е многу одамна во правната теорија и криминолошката наука на ниво на аксиом дека најголемиот дел од луѓето го почитуваат законот не затоа што се плашат од казните, туку, заради тоа што за ниедни пари на светот не би можеле да извршат убиство од користољубие, разбојништво, киднапирање, изнуда, силување со смртни последици и слични кривични дела на т.н. крволочен злосторнички криминал, затоа што едноставно тоа не го дозволува нивниот карактер, вредносни убедувања и морални ставови.
Оттука, несфатливо е да се дискутира за генерално ублажување или заострување на казнената пполитика, како што тоа се обидува да го прави определен универзитетски професор, бидејќи не може да се поистоветат разните видови, подвидови и облици на криминал. Криминалот е најсложената општествена појава со толку разгранета феноменолошка и етиолошка структура, како ниеден друг општесвен феномен. Затоа да не заборавиме дека овде не зборуваме генерално за криминалот и криминалците. Тука зборуваме за најголемиот општествен проблем од којшто се генерираат сите други големи проблеми во Македонија, а не во некоја од високоразвиените земји, каде корупцијата се врши преку сосема други облици и типови, а не се исти ниту обемот и динамиката, ниту свеста, менталитетот, политичката и правна култура на народот и политичарите, кои потекнуваат претежно од богати семејства, во држави што до “вчера“ беа империјални колонијални сили.
Прашањето е каде ќе ја сместиме корупцијата, особено онаа од највисок тип, во држави како Македонија, каде што највисоките функционери доаѓаат на власт за да се “нафатираат“, а само “уз пут“ ако можат нешто да направат за народот и државата. Неслучајно се зборува за лесни, тешки, па и најтешки облици на кривични дела. Притоа, обично експертите ги буни тоа што корупцијата, најчесто, во основа е ситуационен криминал, така што во високоразвиените земји таа не се смета за злосторнички криминал.
Во таа смисла, ако на „цела уста“ речиси сите чинители во општеството, странските амбасади, меѓународните организации итн. постојано трубат дека корупцијата е најголемиот проблем кој 32 години не го става под контрола ниедна влада досега, а притоа, помалку или повеќе се знае дека особено високата корупција може да се смета за злосторнички криминал во Македонија, од причини што со корупцијата можеби не се убива директно, но таа е тивок и масовен убиец на илјадници луѓе кои умираат прерано заради сиромаштија или низок животен стандард (неможејќи да си ги купат основните животни намирници, а да не зборуваме за витамини и суплементи кои ги продолжуваат животот), умираат од стрес, заради нанесени огромни неправди кои оваа држава не ги решава, (стресот, медицински е докажано дека е најголем причинител на болести), тогаш, прашањето е: во која категорија на криминал ќе ја сместиме корупцијата во Македонија?
Притоа, да не испуштиме од предвид кога одговараме на прашањето, дека висината на казната ја одразува тежината на кривичното дело во еден кривично-правен систем, а тежината на кривичното дело треба да биде одраз на вредносните приоритети во вредносниот систем што едно општество му ја дава на објектот на заштита односно вредноста што се заштитува преку определени инкриминации.
Затоа определен преекспониран професор сега не треба да бега од темата и да се обидува да “атерира“ со замена на тезите демек “само строгоста на казните не влијаела врз намалување на криминалот“. Па, тоа е повеќе од јасно, не треба да сте ниту правник, а не професор по кривично право за да знаете дека строгоста на казната сама по себе нема никаков ефект, ако нема ефикасна примена на казните и конфискација. Да потсетам јасно изразена теза на преекспонираниот професор првично беше дека висината на казната не ја подобрувала, туку уште повеќе ја влошувала состојбата со ефикасната борба, посебно за коруптивните кривични дела.
Висината на казните, ефикасноста во спроведувањето на крививичното право и конфискацијата се трите подеднакво важни столбови за оптимално остварување на заштитната функција на кривичното право, кои треба да бидат балансирано поставени. Се покажува дека повеќе елементарна логика на расудување имаат луѓе кои формално не се кривично-правни експерти или не со толкава “помпа“, како некои универзитетски професори, но расудуваат мошне рационално. Зошто овие три столба треба да бидат во соодветен сразмер кај нас, а не во Германија или друга високоразвиена западна земја.
Прво, ако ги намалите казните јасно е дека многу побрзо допуштате застарување на коруптивните кривични дела. Дури под претпоставка за значително зголемување на ефикасноста во кривично-правното процесуирање и ефектуирање на делата, со тоа не ја дестумулирате високата корупција, затоа што логиката на криминалците од високите кругови е дека оргомни милонски суми на противправна имотна корист не можат да се заработат така лесно и чесно, макар уште 5 животи да имаат. Така, тие се одлучуваат на корупција, знаејќи дека дури и да бидат фатени и осудени брзо ќе излезат од затвор, ќе “одлежат“ во отворените одделенија, како во “туристичкиот затвор“ Струга, може да бидат помилувани итн. Нешто ситно, некој процент ќе дадат на име конфискација за задоволување на “правдата“, но, грото на парите им остануваат.
Второ, се разбира дека ако ефикасноста е слаба, како што е случајот кај нас, тогаш џабе се и високи казни и конфискација, бидејки тогаш тие нема да бидат применувани. Инаку, ефикасноста и уште повеќе ефективноста, особено во борбата против највисоката корупција зависи од многу други правни прописи и фактори надвор од кривичниот законик, за што се потребни длабоки структурни реформи во правосудниот и политичкиот систем, како и во другите клучни системи и нивните потсистеми на општеството за што зборувам последните 22 години, но токму правната “елита“ нема “слух“ за таквиот системско-стратешки пристап за квалитативно радикални реформи.
Трето, излишно е да се дискутура дека мора да има ефикасна примена на мерката конфискација. Тоа му е јасно на секој студент, а камоли на возрасен човек со здрав разум. Меѓутоа, кај нас, стандардната конфискација многу слабо се применува, а проширената конфискација која постои веќе 14 години, само 3 пати досега е применета. За неефикасната практична примена освен субјективните , постојат низа системски “дупки“ на кои , исто така укажувам долго време, но нема слух, ниту има валидна контрааргументација. Сега, власта и некои универзитетски професори се обидуваат да “сеат магла“ демек акцентот на борбата против корупцијата се префрлал на мерката проширена конфискација.
Тоа ти е “мижи Асан да ти баам“. Имено, после 14 години укажување од моја страна сега е само делумно поправена огромната грешка што уште при воведувањето на оваа мерка, но и подоцна мораше во неа да бидат офатени корупциските и финансиските кривични дела за коишто е предвидена казна затвор од најмалку 4, а за некои од нив и 5 години казна затвор, дури и во ситуации кога не се извршени во рамките на злосторничко здружување ( кривично-правен израз кај нас за организиран криминал). Тоа би тебало да е така од причини што тие се најдоминантните кривични дела преку кои во Македонија се стекнува противправна имотна корист. Со најновите измени додадени се кривични дела од повеќе други глави, како и главата кривични дела против службена должност, но пак се изоставени финансиските кривичните дела.

Фото: Професор Миодраг Лабовиќ
Што се однесува до гледиштето дека за корупциските дела би била доволна само конфискацијата, сметам дека тоа не е издржано гледање, затоа што криминалците ( особено кога се тие политичари на највисоко државно ниво) ги води мислата и докажаното искуство дека лесно заработените пари лесно се губат (дали на коцка или од државата, сеедно), така што ако нема застрашување дека тие ќе одлежат заслужена казна затвор (на пример 10 или повеќе г.), повторно нема да бидат дестимулирани за вршење корупција, бидејќи губењето на лесно добиените криминални пари секако дека боли, но не толку колку парите стекнати со макотрпна и крвава работа.
Инаку, надвор од дискусија е дека треба(ше) да се прецизираат инкриминациите од чл 353 и 353-в. Но, тоа е друго прашање, коешто не го спорам. Напротив, се залагам уште одмна за уште попрецизно регулирање на битните квалификаторни елементи во законското битие на односните кривични дела.
Главната теза, заради која се поведе целата оваа полемика беше како тоа намалувањето на казните ќе влијаело врз ефикасноста на примената на кривичното право. За тоа дека помеѓу намалувањето на казните со поголема ефикасност во примената нема никаква корелација, не требаше да објаснувам, со оглед на фактот што многумина здраворазумски настроени луѓе, кои не се професори, многу добро приметија дека тука нема никаква логика, а да не зборуваме за тоа дека намалувањето на казните за централните корупциски дела нема апсолутно никаква врска со ефективноста во спроведувањето на кривичното право и постигнувањето на специјална и генерална превенција.
Сепак, владините функционери и експертите обидувајќи се да најдат некаква врска, според некои аналитичари тоа го направија многу “смешно и цинично“. Според мојата маленкост, смешно можеби -да, но циничично никако , зошто во цинизмот покрај дрскоста и навредливоста во искажувањето, има и мудра метафоричност, што овде не само што ја нема, туку објаснувањето беше класична глупост ( немам друг збор со којшто космичката категорија глупост еуфемистички би ја камуфлирал).
Да појаснам. Владиното објаснување кое се повикува на определен експертски став е тоа дека со намалувањето на казните за висока корупција сега ќе се зголемела ефикасноста во примената, заради тоа што роковите на застареност (сега четирикратно намалени) ќе влијаеле врз обвинителите и судиите побрзо да се процесуираат и судат предметите, оти со вака големи рокови на застареност тие биле премногу опуштени. Ова навистина би било смешно да не е толку трагично.
Прво, примарната интенција за подолгите рокови на застарување кај кривичните дела, со коишто се штитат најголемите вредности во едно општество, е да има што подолго време за незастарување, со цел да се остави доволно време доколку се откријат многу подоцна, а за високите функционери од една власт, кои ги имаат сите клучни државни институции “под свои нозе“, да бидат изведени пред лицето на правдата, макар за време на некоја друга власт.
Имено, да се потсетиме дека главен проблем во борбата со највисоката корупција во Македонија е тоа што актуелни премиери и нивните најблиски соработници и роднини никогаш досега не биле кривично гонети за време додека се актуелни. Намалени, но какви-такви шанси за нивно кривично гонење се отвараат по заминувањето од власт. Со вака намалените казни уште за време на првиот или евентуално втор мандат делата ќе им застарат додека се`уште се актуелни.
Второ, според одредбите од позитивното кривично-процесно право и сега има рокови за обвинителите за постапување по предметите. Овие рокови не се задолжителни, а обвинителската хиерехија и субординација тоа не го санкционира. Трето, со намалувањето на казните за корупциските дела на високите и особено на највисоките функционери, се испараќа јасна порака до сите чинители, па и до обвинителите и судиите дека се работи за полесни кривични дела на коишто не треба да им се дава толкав приоритет како што би им се давало на потешките и најтешките кривични дела.
Според тоа, намалувањето на казните за централните корупциски дела не претставува “тивка“ амнестија, туку тоа е смрт за борбата против највисоката корупција. Наместо смешните и глупави изговори дека намалувањето на казните ќе влијаело врз поголемата ефикасност, почесно ќе беше да не ја навердуваат интелигенцијата на народот и отворено да кажат дека сето тоа е цената која мора да се плати заради Европската иднина на Македонија и бараните уставни измени.






