По еден месец откако град Скопје на 15 август го откорна асфалтот од патеките за пешаци и велосипедисти од едната страна на мостот Обединети нации, сеуште тротоарите стојат раскопани.
Сакамдакажам.мк пишува дека во правец на движење од Влае кон Карпош се поставени огради со кои се забранува движење.
Но, иако е поминат цел месец, работите за поставување нов асфалт не се ни почнати, па мостот е небезбеден за движење на пешаци.
Град Скопје не одговора на прашањата зошто оваа фреквентна сообраќајница е раскопана и оставена така, со што е небезбедна за граѓаните.
Мостот „Обединети нации“ со години е во очајна состојба. Полн е со дупки и прокопи, а тротоарите се изрешетани па кога се минува низ нив се гледа реката Вардар.
Ексградоначалникот Петре Шилегов кон крајот на неговиот мандат најави дека мостот ќе се урива и ќе се гради нов со по три коловозни летни во двата правци, како дел од проектот за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ). Но, со доаѓањето на функција на Арсовска овој проект беше стопиран, иако државата зема кредит од од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и сега плаќа камати од 350.000 евра годишно.
9
Извор : https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/grad-skopje-pred-eden-mesets-gi-raskopa-trotoarite-na-mostot-obedineti-natsii-i-gi-ostavi-taka/





