Без ТЕ-ТО, ќе ни се случи ценовна катастрофа, алармира првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимоски

Регулаторната комисија за енергетика нема да носи одлука за цената на топлинската енергија во Скопје се додека не бидеме сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено на мрежа. Ако ТЕ-ТО оваа година го немаме функционално на мрежа ќе ни се случи ценовна  катастрофа, а тоа не ни е на крај на памет да го дозволиме. Додека не се знае дека ќе можеме да ги искористиме придобивките од ТЕ-ТО нема да имаме одлука, истакна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.



Топлинската енергија од ТЕ-ТО, како што рече, е многу битна бидејќи во 2022 година таа беше три пати поевтина од цената што ја имаа топланите во Градот Скопје.

  • Технолошкиот процес во когенеративните постројки овозможува да има производство на топлинска енергија со пониска цена и тоа ќе го искористиме до максимум. За да го направиме тоа сериозен проблем ни е топловодот кој поминуваше на мостот „Беласица“ и кој беше оштетен од пожарот што го зафати мостот. Не сакам да навлегувам кој е надлежен – дали Град Скопје или ЕСМ, но верувам дека Градот Скопје и ЕСМ ќе преземат се за да се санира топловодот и да ја добиеме таа топлинска енергија од ТЕ-ТО. Топловодот ќе ни помогне топлината од когенеративната електрана да дојде во другиот дел на Скопје, бидејќи има други пумпни станици кои овозможуваат оваа топлина да дојде и до општина Карпош. Додека не добиеме јасна сигурност дека ТЕ-ТО ќе работи и дека ќе ја добиваме топлината од ТЕ-ТО ние нема да донесеме одлука за цената на топлинската енергија, бидејќи не можеме да го префрлиме товарот кај потрошувачите за работа која може да се среди за две недели и за помалку, рече Бислимоски.

Посочи дека е вообичаено Град Скопје да каже дека е се во ред  со мостот „Беласица“ и да им даде дозвола  на ЕСМ Дистрибуција да ги постави новите цевки на топловодот под мостот. Цената на топлинската енергија од ТЕ-ТО три пати пониска од цената на топланите

Цената на ТЕ-ТО е три пати пониска од цената на топланите во Скопје кои се во добра кондиција, но таков им е работниот процес и коефициентот на полезно дејство и е 33 до 34 проценти за разлика од ТЕ-ТО кое кога произведува и топлинска енергија има коефициент на полезно дејство и до 90 проценти, вели Бислимоски.

  • Токму тоа е придобивката од когенеративната  електрана и срамота е да не ја користиме имајќи таква централа во Скопје. Ако не ја користиме цената на парното греење ќе треба да се зголеми за 100 проценти, бидејќи трошокот за гас е најголем во производството на топлинска енергија, посочи Бислимоски.

Таков луксуз, додаде, не можеме да си дозволиме, бидејќи сите потрошувачи ќе се исклучат од системот за централно греење. Потребна е нова методолгија за цената на парното во Скопје. Со новата одлука за цената на парното греење во Скопје РКЕ треба да реши неколку работи кои се исклучително комплицирани и затоа е потребна нова методологија и нов концепт за цената по која ќе продава ТЕ-ТО, порачува Бислимоски.

  • Сакаме максимално да ја искористиме когенеративната електрана ТЕ-ТО, бидејќи токму тоа е идејата на когенеративната постројка. Сега ТЕ-ТО е компанија која нема никаква сопственичка поврзаност со новите компании кои стопанисуваат со парното греење во Скопје и затоа ни е потребна нова методологија и нов концепт по која цена ТЕ-ТО ќе продава на операторот на системот за дистрибуција – ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, рече Бислимоски.

Појасни дека ТЕ-ТО кога дава топлинска енергија намалува производство на електрична енергија и затоа новата методологија треба да овозможи трошоците за топлинска енергија на граѓаните да се одржат на соодветно ниво, а во исто време да се овозможи ТЕ-ТО да продава електрична енергија на пазарот на електрична енергија.