Османи пак на патување, рочиштето за навредите и клеветите повторно се одложи

Министерот Османи повторно не се појави во судница да даде исказ за случајот против него за навреда и клевета. Тужбата ја поднесе Бил Николов како претседател на организацијата „Македонско меѓународно движење за човекови права “ од Канада и самата организација. Османи во изјава во ноември минатата година искажал понижувачко мислење повредувајќи ја честа и огледот на тужителите нарекувајќи ги сомнителни луѓе со антидржавни ставови. Идентично како минатиот пат, службено патување на министерот го одложи рочиштето, иако одбраната веќе реагираше дека ова е во насока на одолговлекување на постапката која се води во Граѓанскиот суд во Скопје.



  • – Кон барањето не беа доставени докази за оправдано отсуство. Како и да е, навистина секогаш има причини, некакви состаноци. Меѓутоа, министерот некогаш треба да одбере и таму да одложи и да дојде на ова судење. Доколку не сака, одбраната има можност да инсистира да се одржи судењето без негово присуство и да се цени фактот дека го развлекува судењето и одбива да дојде на суд, а судот нека ги мери фактите, изјави адвокатот Трајче Торов, кој посочи дека во меѓувреме не е стигнато извинувањето од министерот.

Во тужбата се наведува дека Бујар Османи наместо да ги помага, потикнал и натамошни повреди на нeпризнатото македонско малцинство во Бугарија, сметаат основачите на македонскиот клуб во Благоевград. Тужителите велат дека е недозволиво Османи да се впушта во давање коментари од омаловажувачки карактер и да навредува.

Инаку, во ноември лани, Османи тврдеше дека сомнителните финансиери од Канада на 5 илјади километри оддалеченост не можеле да знаат подобро за ситуацијата тука. Според зборовите на министерот оние кои го финансирале клубот, македонско здружение од Канада имале ставови спротивни на стратешките цели на државата.