Холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп се приклучи на загриженоста на ЕК за измените на Кривичниот законик и нивното брзо усвојување.
„Амбасадата на Холандија многу сериозно ги следи последните случува во однос на измените на Кривичниот законик и целосно се согласува со изјавата што ја објави ЕУ“, вели холандскиот амбасадор Јан Коп во кусата изјава за „Слободен печат“.
Од Европската комисија изразија жалење поради недостатокот на сеопфатни консултации на домашните чинители со Брисел пред нивното усвојување, како и за употребата на европско знаменце која според ЕУ, треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со европското законодавство.
„С. Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки“, рече портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.
Наспроти ова, министерот за надворешни работи Бујар Османи убедува дека измените се во рамки на усогласувањето со европската легислатива, а премиерот Ковачевски дека за промените со Европската Унија се разговара на дневно ниво и дека од Брисел немало замерки што било употребено „европско знаменце“ за експресно усвојување на измените.







