Економистите ги намалуваат прогнозите за раст на економијата

Економскиот раст не се одвива според очекувањата, што е причина економските експерти да ги намалат очекувањата за вкупниот раст на домашната економија.



Институтот за економски анализи „Фајненс тинк“ во последниот Макроекономски монитор ја намали проекцијата за раст на БДП, кој според нив оваа година ќе изнесува само 1,7 отсто, наместо претходно очекуваните 2 проценти, додека пак се очекува поголема инфлација од претходно.

Извршната директорка на „Фајненс тинк“, Благица Петрески за Фактор појаснува дека последните податоци кои се објавени укажуваат дека има големо намалување на побарувачката од странство, што се одразува на намалување на извозот во вториот квартал од годината, но и намалување на увозот кај компаниите кои работат во зоните.
засега прогнозите за глобалниот и европскиот раст остануваат во стагнантната зона, што значи дека забавувањето на економијата ќе биде присутно и кај нас во текот на оваа година.

– Но, потрошувачката го компензира ова, барем во одредена мера, меѓутоа истовремено крие ризик за смирувањето на цените, и тука мислам дека е потребна особена внимателност на фискалната политика, особено во пресрет на преземените зголемувања на плати и пензии, како и начинот на кон Владата ќе постапи во поглед на барањата од сите страни за пораст на примањата – потенцира Петрески.

Мониторот на „Фајненс тинк“ покажува дека во вториот квартал од годинава, БДП се зголеми за 1,1 отсто на годишна основа, што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал.

Во анализата се појаснува дека иако растот на личната потрошувачка кој достигнува 1,6 отсто е релативно солиден, но забавен, а бруто инвестициите забележуваат помал пад од претходно (-1,2 проценти), забавувањето на вкупната економска активност главно е под влијание на намалувањето на извозната активност.
Додека, базичната инфлација и понатаму покажува значајна упорност, што налага затегнатост на монетарната политика и внимателност на фискалната политика. Дополнително, одредени домашни ценовни притисоци се се’ уште присутни во сегментот храна како одраз на корпоративни и трговски практики, и налагаат мерки во доменот на политиките за заштита на конкуренцијата.
Според анализата, економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување.
Целата анализа на : https://faktor.mk/pagja-izvozot-pagja-i-ekonomijata–teshko-ni-se-pishuva-i-za-slednive-meseci-eve-shto-velat-ekonomistite