Малинка Ристевска Јорданова: Франција ни фрли бомба – нема проширување без реформи на ЕУ

Со Малинка Ристевска Јорданова – една од ретките вистински експерти на полето на евроинтеграциите Respublika разговара за најновите случувања поврзани со пораките од Блед, Париз и Брисел како и нивното ставање во домашен контекст кога Македонија треба да избира меѓу националното достоинство и патот кон ЕУ. Во интервјуто таа разјаснува многу прашања и предупредува дека дебатата за проширувањето во нашиот јавен простор во моментов е целосно „затруена“. Истакнува дека она што во моментов најконкретно се дискутира за Западен Балкан е моделот на „фазната интеграција“, но вели и дека принудно решение врз база на францускиот предлог не е одржливо ни на краток, ни долг рок.



Што се случува со евроинтегративниот процес? Впечаток е дека Франција пак фрли „бомба“?

– Франција не фрли бомба. Нејзиниот став е конзистентен – нема проширување без реформи на ЕУ, односно „институционални промени“. Реформите на ЕУ треба да ја зајакнат стратешката автономија на ЕУ – концепт што Франција го промовираше. Загрижени се дека и сега – со 27 членки има проблеми да се „напредува за суштествени теми“, а камоли со 32 или 35 членки.

Најновиот „превод“ на ставот на Макрон е дека тој мислел на различни брзини во зачленувањето во ЕУ, а нашите власти тоа веднаш го протолкуваа дека Македонија ќе биде шампионот во балканското рели. Колку е тоа остварливо?

– Толкувањето беше класичен спин. Говорот е објавен. Макрон јасно зборува за концепт на ЕУ како „Европа во повеќе брзини“, различни нивоа на интеграција на политики, како дел од идната реформа на ЕУ. А во која „брзина“ ние би влегле и кога, е друго прашање.

Што е 2030 година? Предизборна јадица за гласови, широко отворање на европските порти за Западен Балкан или уште еден сон на измореното Скопје дека ќе станеме европска членка?

2030 година не е реална. На власта ѝ е потребна мамка за да се спроведе тоа што минатата година го ветила без никаква основа. Таканаречениот „моментум“ не постои.

Дебатата за проширувањето во нашиот јавен простор во моментов е целосно „затруена“, и јавноста нема претстава за целокупниот сегашен контекст во ЕУ. Нема широко отворена врата за проширување. Има актуелизирана дебата за проширувањето, има волја да се дадат некои „меѓувремени“ моркови, но не и целиот морков. Со кандидатурите на Украина и Молдавија, а можно и нивен почеток на преговорите, не само што е зголемена конкуренцијата, туку и видот на проблемите. Се актуелизира прашањето на интеграциски капацитет на Унијата. Големината на Украина има потенцијално огромни последици и за Буџетот на Унијата.

Она што во моментов најконкретно се дискутира за Западен Балкан е моделот на „фазната интеграција“, односно што би им се дало на државите од Западен Балкан доколку спроведуваат реформи во однапред дефинирани фази. Овој концепт влезе во дискусија во ЕУ преку нон-пејперот на Австрија. Тој предвидува „моркови“ во фази – пристап до пазарот на ЕУ, пристап до фондови на ЕУ, присуство во процесите на одлучување, зависно од успехот на реформите. Тоа е модел кој, меѓу другото, бара време.

Згора на тоа, треба да имаме и предвид дека претстојат избори на ниво на ЕУ.

Разногласието во изјавите на претставници на различни институции на ЕУ, за жал, придонесе за конфузијата. Но тоа истовремено докажува дека нема согласност, дека нема „моментум“.

Вака искривената јавна дебата, во која дополнително се игра со „страв“, со етикетирање на оние кои имаат различно мислење, наместо рационална расправа со аргументи, е плодно тло за штетни крајности.

Бугарски пакет во бриселските механизми

Дали бугарското вето е единствената причина што Македонија бавно се движи кон ЕУ? Или поинаку да го формулирам прашањето: Дали бугарските барања се алиби на Брисел за одбивањето да ја прими Македонија во ЕУ?

Најпрвин, не се веќе барања туку „бугарски пакет“ – вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови. А тие механизми се основа за Бугарија да бара вградување на веќе вградените услови во сите натамошни чекори од процесот, а ги има многу со новата Методологија.

Треба да сме реални дека низата на вета од соседите се значајна причина за бавниот напредок на државата кон ЕУ, особено што тоа влијае на мотивацијата за реформи. Но се работи повеќе и за комбинација од фактори во кои многу значајни се и нашата недоволна внатрешна кохезија и неотпорноста кон надворешните притисоци, кои овозможија „поволно тло“ за таквото уценување од соседните држави.

Вие бевте шефица на кабинетот на Шекеринска кога Македонија го доби статусот на кандидат. Помислувавте ли тогаш дека земјата ја делат безмалку две децении до почетокот на преговорите?

– Искрено, бевме поголеми оптимисти, но, без лажна скромност, и работевме многу пообмислено и посериозно. Контекстот беше поинаков – тоа беше времето на Солунската агенда кога пошироко се отвори перпективата за членство во ЕУ (иако и тогаш не бевме задоволни со крајниот резултат). Политичката волја беше клучна, а благодарејќи во голема мера на политичката позиција, умеењето и работата на тогашната вицепремиерка Шекеринска, беше оформен и спроведен македонски пристап кон реформите ориентирани кон ЕУ, кој тогаш беше пример во регионот.

Од сегашна перспектива, веројатно требаше апликација за членство да се поднесе и порано, веднаш по членството во Советот на Европа, и да се поставиме порано на мапата, но тоа е веќе поширока тема.

Целото интервју со Малинка Ристевска Јорданова на следниот линк: