ДУИ сонува да го подели ВМРО-ДПМНЕ

Што се крие зад изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е можно 118 пратеници во Собранието, без двајцата од Левица, да гласаат за уставните промени – пишува Бранко Героски во анализа на Плусинфо.



Одговарајќи на прашањето дали е можен договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, Ковачевски во Гевгелија одговорил дека остава простор за договор и секој да ги модерира своите ставови.

– Видете, кога ќе има доволен број гласови, 120, кога ќе гласаат минус 2 од Левица, коишто сигурно немаат да гласаат. Тие се против членството на државата во Европската Унија и сѐ до тогаш оставам простор за договори и секој да ги модерира своите ставови – прецизирал Ковачевски.

Ковачевски го зборува она што му го диктира Артан Груби од ДУИ, тврди извор од опозицијата за Плусинфо. Тој додава дека Груби, Али Ахмети и други политичари Албанци веќе подолго време на свои колеги и познаници од Приштина и од Тирана им раскажуваат „бајки“ за тоа како ДУИ и СДСМ ќе го поделат ВМРО-ДПМНЕ и така сегашната коалиција ќе останела на власт.

– До нас стасуваат такви информации во последниве неколку месеци, од наши пријатели во дипломатијата – вели изворот.

Сценариото за поделба на ВМРО-ДПМНЕ предвидува два клучни потега: амнестирање и враќање на поранешниот премиер и партиски лидер Никола Груевски во земјата и амнестија на осудените за настаните на 27 април.

Некои аналитичари донесувањето на измените на Кривичниот законик го оценија како почеток на реализација на тоа сценарио. Иако самиот Груевски на Фејсбук се огласи по тој повод и нагласи дека измените на Кривичниот законик за него ќе имаат „минорно значење“, повеќе посматрачи поверуваа дека реализацијата на сценариото за поделба на ВМРО-ДПМНЕ веќе почнала.

Инаку, според анализите на некои правници, измените на Кривичниот законик не можат да го ослободат Груевски од издржување на казните затвор за случаите „Тенк“ и „Шамари во Центар“, за кои треба да одлежи 3 години и 6 месеци зад решетки. За „Плацеви на Водно“ Апелација му ја зголеми казната од 7 на 9 години. Во некои други случаи, измените на Кривичниот законик можеби за него ќе донесат некаква поволност, но во овој момент, без амнестија што ќе го опфати и него, Груевски мора да биде надвор од земјата за да избегне повеќегодишна робија.

Целата анализа на Бранко Героски на следниот линк:

https://plusinfo.mk/dui-go-deli-vmro-dpmne-e-pomognel-i-gruevski-gladna-kokoshka-vlast-sonuva/