Многу истражувања кои се направени во Македонија, укажуваат дека 30, 40 или скоро 60 отсто од луѓето би ја напуштиле Македонија и би го продолжиле својот живот во странство. Дури лани во декември беше соопштен податок дека 90 отсто од младите сакаат да се иселат, aнализира Фактор. На граѓаните им пречат ниските плати, невработеноста, корупцијата. Ги прашавме граѓаните во кои држави сакаат да се преселат. Нивните одговори се различни, но сакаат да живеат во земји со добар стандард.

„Јас би се иселила во Америка, поради начинот на живот и јазикот. Многу луѓе од Делчево се иселија и се селат. Оној кој сака да се исели, успева“, рече Даниела Ј. од Делчево.
Жителка на Пробиштип вели дека ако некогаш се исели од Македонија, нејзин избор би била некоја од европските земји.
„Засега не размислувам да се селам, добро ми е овде, но ако заминам некаде надвор, би ја бирала Германија, Англија, затоа што има доста луѓе од Пробиштип кои таму се иселија и сакам земја со добар стандард и услови за живот“, рече Магдалена Ј. од Пробиштип.
Жител на Ресен вели дека младите се иселуваат во различни земји, на европско тло, но и преку океанот.
„Јас се вратив од Канада и не планирам да одам никаде, но младите се иселуваат секаде, во Америка, Канада, Европа. Од 2016 година има поголемо иселување. За неколку години сметам дека 3.000 ресенчани се имаат иселено“, раскажува Борис С. Од Ресен.
Статистички, за шест проценти се намалил бројот на младите луѓе во Македонија меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година. Проценките се дека повеќе од 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Повеќе на Фактор.мк





