Славниот грчки диригент Микис Теодоракис одговори на отвореното писмо од македонскиот оперски пејач Благој Нацоски, тврдејќи го истото што и титовата внука Светлана Броз – дека Тито ѝ го дал името Македонија на најјужната република од тогашна Југославија.
„Претпоставувам дека сте многу млади и поради тоа не сте свесни за некои настани што се случиле пред многу години и ќе Ви го објаснам мојот сегашен став за односите меѓу нашите два народа.
Пред Втората светска војна, кога младата и слаба ККЕ (Комунистичка партија на Грција – н.з.) сакаше да се приклучи на Комунистичка интернационала (Москва), Бугарската и Југословенската комунистичка партија ѝ го поставија како услов за членство нивниот договор да се формира независна комунистичка држава под името ‘Македонија’, која ја вклучува цела Северна Грција.
Се разбира, тоа предизвика бура во Грција, која ја принуди Комунистичката партија да ја преиспита оваа позиција. Но, тоа остави голем белег, иако мислам дека умре таа идеја кога Комунистичката партија во 1941 година застана на чело на движењето на отпорот против Германците.
На крајот на војната се создаде комунистичка Југославија, а потоа Тито му го даде на јужниот дел на земјата, во вардарскиот регион, името ‘Македонија’, со надеж дека тоа би можело да се најде во иднина ако се појави можност да стигнат до брегот на Егејско Море.
Несреќна околност за нас беше тоа што во земјата по нејзиното ослободување од Германците дојде до граѓанска војна, кога на Владата на Атина ѝ беше овозможено да преживее со помош на западните сили. Таа беше целосно зависна и, како што ќе се покаже, особено Британците не сакаа да му пречат на Тито, надевајќи се дека ќе го направи она што го направи, а тоа е да ги прекине неговите односи со Москва. Од оваа причина, грчката Влада тогаш не протестираше и сите знаеја дека со ова име југословенскиот лидер создаде тројански коњ за да го повтори она што го стори како човек на Коминтерната. Тоа е создавање на Македонија до Егејско Море.
Потоа се создаде митот за потеклото на жителите на овој регион од Александар Велики со сите познати вклучени (не знам дали уште се вклучени) во Уставот на Вашата земја. Тоа е одлична идеја за иредентизам, со кој се однегувани неколку генерации, кои се поврзани со оваа идеја целосно. И јас ги разбирам потполно тие што се сметаат себеси за Македонци поради легендата дека се големи.
Но, мора да се признае дека премногу имаме право кога под тоа име гледаме мапи од Егејска Македонија во кои е опфатен и Олимп, дека ние Грците сме освојувачи на нашиот сопствен Солун, грчки Солун итн., итн., со што се голем предизвик за интегритетот на нашата земја.
Па, како барате од мене ‘космополитизам’ кога со сите овие измислици некои бараат да се осакати мојата земја?
Меѓутоа, судбината, драги господине Нацоски, на тој начин нè донесе, знаете од прва рака, до интригите на југословенското лидерство, кое стана соучесник во оваа политика на ‘Голема Македонија’. Тоа беше тогаш кога компонирав музика за филмот за битката на Сутјеска и често ја посетував тогашна Југославија, му бев гостин на Тито, кој се воодушевуваше и ме ценеше.
На средбата со Тито тој побара од мене да компонирам музика за филм за Скопје. Кога го прочитав сценариото, кое нè претставуваше нас Грците како освојувачи на Солун и угнетувачи на нејзините жители, тогаш не само што одбив да направам музика, туку имав храброст да дојдам и во остра конфронтација со Тито. Бидејќи сфатив дека тоа беше тој што ја присвојуваше Македонија, сметајќи дека е историска нужност, според неговата ‘комунистичка’ перцепција, и легитимно да се создаде комунистичка држава против капиталистичка земја, како што беше Грција.
Тогаш нашите односи се нарушија, особено кога тој посочи дека тој не ја издал својата татковина на Москва и на Сталин и не може да прифати дека мојот патриотизам имам храброст да го ставам над сè.
Во целиот мој живот мислам дека покажав оти јас навистина сум поддржувач на идејата за мирен соживот на народите.
И не се двоумам да кажам дека јас немам ништо со луѓе кои се чувствуваат многу блиски до мене, а се истрчуваат како тој со Зорба од Скопје.
Но, кога ќе видам барањето за мирен соживот на нашите народи да биде изговор во рацете на мрачните сили, кои ги искористуваат луѓето и, конечно, го доведуваат во опасност територијалниот интегритет на мојата земја, не можам да не реагирам со сета сила што ја имам. Со почит“, напиша Теодоракис на својата вебстраница.





