На покана на Американската амбасада, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, на Битола Тони Коњановски, на Крушево Томе Христоски, на Берово Звонко Пекевски и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, се на студиско патување во САД.
Тие ќе имаат повеќе средби за ефикасно управување со финансии и ресурси на локалната самоуправа. Како што стои во објавите на нивните фејсбук профили, „фокусот на работните средби во Стејт Департментот е борбата против корупцијата“, јави Сакам да кажам.
„На состаноците стана збор и за најдобрите практики кои ги применуваат локалните власти во САД за јавно-приватни партнерства за да се подобрат капацитетите, при што беше нагласено дека постои простор за натамошно интензивирање на соработката помеѓу нашите пријателски држави, размена и примена на искуствата на САД во Македонија во борбата против корупцијата која е рак на македонското општество“, објави Арсовска на својата фејсбук страна по средбата со претставници на Стејт департментот во Вашингтон.
Градоначалниците покрај средби во Вашингтон ќе ги посетат и градовите Питсбург и Феникс каде, како што напиша Муцунски, ќе имаат средби со претставници на локалната власт, за размена на искуства и практики во делот на локалната самоуправа.







