„Јас сум и мошне наклонет на Европа, но сум против Европската Унија. Тоа е многу важна разлика. ЕУ е антиевропска институција. Европа е окупирана територија, послушница на американската длабока држава.“ – вели Тиери Боде, холандски политичар и лидер на парламентарната партија Форум за демократија од Холандија, во интервјуто што го даде за српскиот аналитички информативен портал „Нови стандард“. Пренесуваме извадоци од тоа интервју.
„Н.С“: Како ја гледате европската политика за 10 години од сега? Дали постои начин да се ослободи Европа од доминацијата на САД?
Т.Б.: Тоа е неизбежно, бидејќи американската империја ќе пропадне. Европа е окупирана територија, послушница на американската длабока држава. Сите наши влади добиваат инструкции. Не во телеграми, не во мејлови, не директно кој што може, или не може да каже. Не функционира така. Тие доаѓаат на конференции и чувствуваат кои теми да ги избегнуваат. „Подобро е да не зборуваме за тоа“. Тоа е процес. Сите се апсолутно послушни за тоа.
„Н.С“: Која е временската рамка за тоа? Дали ќе се случи тоа за 50, или 100 години, или можеби за 10?
Т.Б.: Не знам точна временска рамка. Постојат настани, кои можат да го успорат тоа, можеби и да го забрзаат. Ја сакам американската република, американската граѓанска култура, сакам многу елементи на американската демократија… Американската империја, која настана по 1945 година – кога Американците излегоа како голема победничка нација од Втората светска војна – таа империја скршна од патот, го изгуби компасот и досега, што е парадоксално, работи против американската република. Американската империја сега го забрзува падот на американската хегемонија во светот…
„Н.С.“: Што мислите за „војната“ на големите технолошки компании од САД со европската, односно бриселската бирократија, која се обидува да ги стави под контрола технолошките гиганти како што се Гугл и Фејсбук? Дали тоа го прават за да ја промовираат слободата на говорот, или да ја задушат?
Т.Б.: За да ја задушат. Постои многу раширено верување дека луѓето што ја спроведуваат политиката се интелигентни. Тоа не е верување, тоа е повеќе чувство дека тие знаат како функционира светот. Но, тоа e и крајно арогантна и крајно вообразена состојба на умот, која, всушност, постои внатре во Европската комисија, во главните новинарски компании, во универзитетите… Тие навистина мислат дека знаат.
„Н.С.“: Моментно беснеат две „Студени војни“: едната меѓу Русија и Западот, а втората меѓу Кина и Западот, која има и белези и на технолошка „студена војна“. Зошто Европа се наоѓа во кампот на САД и дали е во нејзин интерес да ги следи американските технолошки стандарди – на пример, кога се работи за вештачката интелигенција и другите нови технологии – или би требало Европа да развива сопствени технолошки стандарди, односно некако да одржува рамнотежа меѓу САД и Кина?
Т.Б.: … Европа треба да развие сопствена политика, која ќе биде одвоена од Западот. Концептот „Запад“ е создаден по 1945 година, за да би се оправдало американското водство над Европа, дека „Америка е лидер на Западот, лидерна слободниот свет“. Можеби тоа имаше смисла во текот на „Студената војна“, или можеби не.
Но сега живееме во време кога американската империја има сопствена логика. Таа логика со своето постоење им штети на американските интереси, но тоа си е нивен проблем. Од огромна важност е Европа да го пронајде сопствениот пат и би сакал Европа да не мора да бира меѓу американската или кинеската технологија, туку би сакал да развиеме сопствена висока технологија. Ние ја имавме таквата висока технологија во 19 век и во првата половина на 20 век, на пример „Леика“, тие сјајни камери, кои пристигнаа од Германија. Имавме сјајни инженери како Ајфел, кој ја направи Ајфеловата кула во Париз. Имавме прва подземна железница во Лондон. Се тоа беа европски иновации. А кај сме сега? Зошто да не станеме поамбициозни и со поголеммо претприемништво? Зошто мораме да гледаме во Кина, или во Америка, очекувајќи од таму некакви иновации?
Јас сум и мошне наклонет на Европа, но сум против Европската Унија. Тоа е многу важна разлика. ЕУ е антиевропска институција, бидејќи огромната сила на Европа се наоѓаше во таа поделба меѓу нациите. Затоа и имаше толку предизвици.
Европа имаше цивилизациска мисија, таа претставуваше на некој начин врв на развиениот свет. Европа во 19 век беше најдоброто и највисокото, што би можела која било цивилизација да го достигне. Ако ги погледате архитектурата, уметноста, технолошкиот развој, поезијата, општото рамниште на културата… Но ние веќе доживеавме страшна деградација, бидејќи не го сфаќавме сериозно одржувањето на сопствената цивилизација во сопствените земји. Ако ние ја изгубивме волјата да управуваме со себе, со нашите сопствени нации, да ја штитиме својата култура, да го браниме својот начин на живот, како и остатокот на светот, тогаш тоа ќе о прави некој друг наместо нас. Ние сме сведоци на ужасно пропаѓање. Се надевам дека новата генерација ќе се вразуми и оти ќе го изградиме она, што останало од нашата голема цивилизација.





