„Речиси секој месец се одржува некој си историски самит, конференција… на која политичарите од регионот заедно со западните тутори го решаваат проблемот на населението во така наречениот Западен Балкан. Но, каква полза има населението од ваквите скапи собири? Или ползата е само за политичарите сосе евробирократите од Брисел, кои, ете, ни покажуваат дека многу мислат на нас?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски осврт со наслов „100 ‘историски’ конференции и самити одржаа – народот слабо полза виде“ на денешниот Самит „Брдо-Бриони“, кој се одржува во Скопје.
„Скопско ехо“ пишува: Овој месец таквиот самит се падна да биде денеска во Скопје. Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се очекува да бидат главни теми на состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот-Брдо Бриони.
Овој Процес е настанат во 2013-та година по иницијатива на претседателите на Хрватска и на Словенија, за да се потпомогне и да забрза интеграцијата на земјите од регионот. Но, и по десет години упорно се одржува и упорно од него по многуте расправи и правења заеднички фотографии – ни стасуваат силни пораки за подобро утре.
А меѓу два вакви процеса, се разбира, има и други иницијативи и конференции. Да потсетиме само дека минатиот месец беше одбележана 20-годишнината од „Солунската агенда“, со која ЕУ на земјите од овој регион им кажа дека ги сака во своите редови. Еве и сега по 20 години го повторија тоа.
Да ги споменеме и разните самити ЕУ-Западен Балкан, па некаков си Бледски стратегиски форум, па… Се саде конференции, работни вечери во скапи хотели… И? Се подобрува нешто поконкретно кај граѓаните во регионов благодарение на силните состаночења, кои траат повеќе од деценија? Каква полза има населението од ваквите скапи собири? Или ползата е само за политичарите сосе евробирократите од Брисел, кои ете ни покажуваат дека многу мислат на нас? Блазе си ни, што имаме среќа некој толку многу да мисли и да работи за наше добро.
Токму денеска хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ изрази надеж дека средбата во Скопје нема да заврши повторно повторно со „кавга меѓу раштимани инструменти како последните двапати“…





